Трагедија во Хрватска: Мал авион се урна кај Медулин, има повеќе загинати
Неколку лица загинаа при пад на мал авион што денеска се урна во близина на аеродромот Медулин во Истра, Хрватска.
Според информациите на хрватските медиуми, истарската полиција добила пријава за несреќата во 11:25 часот, по што на местото веднаш биле испратени сите служби за итни интервенции – полиција, брза помош и пожарникари.
Хрватскиот портал Dnevnik.hr објави дека во несреќата има загинати лица, додека RTL пренесува дека животот го загубиле четири или пет лица.
Според сознанијата на Index.hr, авионот полетал од Германија, а летот наводно не бил претходно најавен до хрватските власти. При ударот во земјата леталото се преполовило.
„На 4 јуни во 11:18 часот добивме пријава за пад на мал авион во близина на аеродромот Медулин. Пријавата е потврдена и сите служби за итни случаи се на терен, каде што преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности“, соопшти полицијата.
За несреќата се огласи и пилотот Нијаз Делиќ, кој го користи спортскиот аеродром Медулин. Во изјава за Jutarnji лист тој рече дека засега не се познати причините за падот на авионот.
„Не знам како се случила несреќата. Од причини кои во моментов не ми се познати, пилотот, кој инаку бил искусен и требало да слета на спортскиот аеродром Медулин, направил спирала над депонијата Каштијун и потоа се урнал. Тоа се единствените информации што ги имаме во моментов“, изјави Делиќ.
Надлежните служби спроведуваат истрага за да ги утврдат причините за несреќата.
Comments are closed.