Николоски: В четврток средба во Солун на високо ниво со присуство на еврокомесарот за транспорт на која ќе биде потврдена важноста на инвестициите во Коридорот 10

Средба на највисоко ниво меѓу Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, во присуство на европскиот комесар за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас ќе се одржи в четврток, на 18 јуни, во Солун, на која уште еднаш ќе биде потврдена важноста на инвестициите во Коридорот 10, информира вечерва во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека наесен се очекува да биде поставен камен-темелникот за брзата пруга на Коридорот 10, од Куманово до Гевгелија и дали можеби треба да предизвикува некаква загриженост најавениот „супервоз“ на релација Софија-Атина, Николоски рече дека во овој контекст визијата на Мицкоски имала важна улога во развојот на овие проекти, а дека нема случајности е споменатата средба на 18 јуни.

-Колку подобра поврзаноста на Балканот, толку подобро. Нормално е главните градови на Бугарија и на Грција да сакаат да се поврзат, но ако се гледа од аспект на економската исплатливост, рутата низ Македонија е далеку пократка. Затоа уште кога беше избрана оваа Влада велев дека мора сериозно да се работи на брзата пруга за Македонија да го задржи своето геостратешко место. Тоа е пресекот на Коридорите 8 и 10, но истовремено претставува и најкратка рута по Коридорот 10. Во спротивно Македонија би останала слепо црево. Со оглед на тоа што ние веќе од оваа есен ќе започнеме со конкретни активности, додека проектот што го спомнавте најрано би се реализирал во 2029 година, сметам дека ќе имаме значајна компаративна предност – рече Николоски.

Во врска со карго-железничкиот транспорт, Николоски рече дека во моментов најголемиот дел од карго-сообраќајот се одвива токму по Коридорот 10.

-Бев информиран од директорот на Јавното претпријатие за железнички транспорт Кошутиќ дека во првите три месеци од годинава е забележан раст во карго делот од 23 проценти и 18 проценти во финансите. Тоа е одличен показател. Исто така, денеска бев информиран од директорот на Железничка инфраструктура, Ивановски, дека најдоцна до следниот викенд ќе биде оперативна линијата од Драчево до Миладиновци. Практично, станува збор за карго-обиколница околу Скопје, со што товарните возови повеќе нема да влегуваат во градот. Тоа е добро од три причини. Прво, ќе се намали загадувањето во Скопје. Второ, станува збор за целосно електрифицирана линија по која ќе сообраќаат исклучиво електрични локомотиви. И трето, значително се скратува трасата кон Србија, Унгарија, Австрија и другите држави во Централна Европа. Ако на тоа се додаде и фактот дека заедно со Европската банка за обнова и развој е во тек постапка за набавка на нови карго-локомотиви, тогаш јасна е приказната – изјави Николоски.

Говорејќи за впечатоците од Бизнис форумот што викендов се одржа во Истанбул, Николоски потсети дека на средбите меѓудругото било договорено и карго-поврзување меѓу Маедонија и Турција

-Имајќи предвид дека еден од краците на Коридорот 10 започнува токму во Истанбул, тоа претставува најкраткиот пат за стоката што од Турција се движи кон Централна Европа – додаде Николоски.

Бизнис-форумот го оцени како мошне успешен, нагласувајќи дека на почетокот на годината, во соработка со УНДП договориле организирање на два вакви бизнис-форуми. Првиот се одржал во Будимпешта, претходно оваа година, а вториот бил тој во Истанбул.

-Навистина беше исклучително успешен настан. Присуствуваа повеќе од сто македонски бизнисмени, како и уште стотина од другата страна. Се отвора голем простор за соработка меѓу бизнис-заедниците на двете држави. Бројни македонски компании инвестираат во Турција или работат со турски партнери, а исто така бројни турски компании инвестираат во Македонија или имаат деловни активности кај нас. Затоа е добро што оваа соработка продолжува да расте. Фактот што премиерот Мицкоски вчера беше пречекан на највисоко ниво од претседателот Ердоган, со сите највисоки државни почести, покажува какви се односите меѓу двете држави. Тоа покажува и каква е личната почит што претседателот Ердоган ја има кон премиерот Мицкоски, но и за квалитетот на билатералните односи. Сметам дека целокупната посета беше исклучително успешна, а резултатите ќе ги чувствуваме во периодот што претстои – рече Николоски.

За интересот на турските компании за инвестирање, со оглед на тоа што целта за трговска соработка од сегашните околу 900 милиони долари ја подигнале на 2 милијарди долари и дали тоа е остварливо, Николоски вели дека тоа не е невозможно и дека постои голем интерес кај турските компании да инвестираат во Македонија, бидејќи земјава има договор за слободна трговија со ЕУ и одличен договор со САД. Турција, додаде тој, има проблем во извозот кон ЕУ и одредени компании се заинтересирани да инвестираат токму во Македонија.

-Дополнително, тука се блискоста меѓу двата народа, двете општества и двете држави, како и релативната географска близина. Имаме добра поврзаност. Веќе „Туркиш ерлајнс“ започна со летови и кон Охрид, покрај редовните линии за Скопје, а од 2 јули ќе започне и директна линија на „АЏет“ од Анкара до Скопје. Морам да нагласам дека оваа линија се воведува без субвенции, што значи дека компанијата сама ја препознава економската оправданост – истакна Николоски.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK