Не може ЕУ со нас да се однесува во стилот „молчи и слушај“, порача македонската претседателка
Не смееме да ги заборавиме граѓаните. Ние сме привремени, ние не сме совршени. Денес политиката е во голема криза бидејќи главно се занимава со тоа кој, кога, како и каде ќе добие, но граѓаните се изворот на нашиот легитимитет и тие се носителите на суверенитетот, вели претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во вториот дел од мега интервјуто за МИА.
Во однос на прашањето како ќе спречиме граѓаните да не ја изгубат вербата во европската перспектива, таа вели дека треба да ги охрабриме дека европските принципи и вредности, тие што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме да функционираме на ист начин.
Претседателката зборува и за нејзините средби и посети, за нејзините настапи, притоа истакнувајќи дека честопати говори дека е време за политика заснована на докази.
– Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази, вели Сиљановска – Давкова.
Таа потенцира дека не смееме надвор да се однесуваме фрустрирано, субмисивно – мала држава, мал претседател, дека мора да послушаме. – Вие мора да ги изнесете националните интереси, ставови и да ги браните. Таков ќе биде и односот кон вас, се разбира, доколку го заслужувате тој однос и доколку сте рамноправни со нив во разговорот, додава претседателката.
Истакнува дека е важно да не сме ние фрустрирани само поради тоа што доаѓаме од „малата држава“. – Не, јас тоа одамна сум го надминала и апсолутно, кога ги кажувам нештата, ги кажувам така како што мислам дека се и никогаш не заборавам кого претставувам. Никогаш. И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи, истакна претседателката Љиљановска – Давкова.
Таа најави дека Македонија ќе го организира настанот „Брдо – Бриони“, бидејќи смета дека тој процес не смее да престане. – Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Ние немаме никаков проблем, особено не територијален или друг проблем, со нашите соседи. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки“, додава претседателката Сиљановска -Давкова.
Во интервјуто таа зборува и за довербата во судството, која сега изнесува само два отсто, истакнувајќи дека решението е во сериозни реформи.
Меѓутоа, таа додава дека ние бевме сведоци дека еден антисистем стана систем или дека она што беше недозволено стана нешто редовно. – За тоа треба време, меѓутоа тука сум и јас многу строга, имам сè уште забелешки. Мислам дека ако не решиме да раскрстиме со партизацијата и политизацијата при аплицирањето, при изборот на луѓето во судството, во Јавното обвинителство, во Уставниот суд, во Управниот суд, во управните одбори и така натаму, тогаш ќе се вртиме во круг, истакна претседателката.
Comments are closed.