Во Фурка Заеви биле редовни гости: Во 2019 година Зорица пеела песни од познат грчки пејач додека пиеле вино и јаделе морски плодови

Ставрос Цимас, познат грчки новинар во книгата „Скриени аспекти на македонското прашање“ открива низа малку познати детали поврзани со Зоран Заев.

Па така Цимас пишува дека во летото 2019 година, кога тогашниот македонски премиер Зоран Заев, кој летувал на Халкидики, се сретнал со претставници на новата грчка власт на вечера во Фурка. Според Цимас, покрај политичките разговори, вечерта ја обележале добро вино, морски плодови и песни од познатиот грчки пејач Антонис Ремос, кои, како што наведува авторот, ги изведувала сопругата на Заев.

Настанот се случил непосредно по доаѓањето на власт на Константинос Мицотакис и неговата партија Неа демократиа, која претходно отворено се спротивставуваше на Преспанскиот договор. Во тој период во Скопје, Атина и Брисел постоела значителна неизвесност околу тоа каков ќе биде односот на новата грчка влада кон договорот и кон европската перспектива на Македонија, пренесе МКД.мк.

Според Цимас, дел од тие дилеми биле расчистени токму на вечерата организирана во вилата на Маргаритис Схинас во Фурка. Схинас, тогаш нов грчки комесар во Европската Унија предложен од владата на Мицотакис, подоцна стана потпретседател на Европската комисија.

Знаејќи дека Заев летува на Халкидики, преку заеднички пријател бил организиран неформален состанок во куќата на Схинас, на кој присуствувале и други грчки политичари и нивни пријатели. Целта била да се испита ставот на Заев кон новата грчка влада и нејзините намери во однос на Преспанскиот договор.

„Во почетокот на август 2019 година, и покрај веќе потпишаниот Преспански договор, за македонската политика сè уште беше неизвесен патот кон Европската Унија и датумот за почеток на пристапните преговори“, пишува Цимас.

„Се стравуваше што ќе направи владата на Неа демократиа и како ќе се однесува во Брисел на претстојниот самит на ЕУ, каде што ќе се одлучува за пристапниот пат на Северна Македонија. Таа задача ја доби Маргаритис Схинас, новиот грчки комесар поставен од Мицотакис, кој подоцна стана и потпретседател на Европската комисија.“

Заев во тие денови летувал во Неа Скиони на Касандра. Преку заеднички пријател, Схинас воспоставил контакт со него, по што на 10 август била организирана вечера во неговата куќа во Фурка.

„На вечерата присуствуваа пријатели со сопругите и познаници. Заев детално ги изложи своите планови за спроведување на реформите и исполнување на критериумите со кои беше решен да продолжи, но зборуваше и за своите политички потези во наредниот период, откривајќи дека планира да организира избори без оглед на исходот од европската перспектива“, пишува грчкиот новинар.

Според Цимас, следното утро Заев бил значително поопуштен, откако од Схинас добил уверувања дека новата грчка влада нема намера да го доведува во прашање Преспанскиот договор.

Грчкиот комесар го потсетил на јавните изјави на Мицотакис дека договорот е веќе потпишан, не постои можност да биде изменет и дека Атина нема да поставува пречки за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Во еден момент од разговорот, пишува Цимас, Заев во шега предложил седница на Владата да се одржи на Касандра, каде што летувале дел од неговите министри, а доколку било потребно да заседава и парламентот, тоа да се случи во Солун за да можат да присуствуваат и пратениците што летувале во Переја.

Цимас оценува дека вечерата во Фурка претставувала прв директен контакт на Заев со новата политичка реалност во Грција по доаѓањето на Неа демократиа на власт.

„За овој настан веднаш дознаа Германија, Франција и Шпанија, кои размената на мислења меѓу грчкиот европски комесар и македонскиот премиер таа ноќ на Халкидики ја примија со одредено олеснување“, пишува авторот.

Епизодата што ја опишува Цимас нуди редок поглед зад сцената на односите меѓу Скопје и Атина во месеците по потпишувањето на Преспанскиот договор и покажува како дел од клучните политички пораки понекогаш биле разменувани далеку од официјалните средби и дипломатските сали.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK