Откриени и други злосторства на осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане

Истрагата за осомничениот убиец од Старо Нагоричане, кој се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, открила уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство.

Како што соопшти денеска на брифинг обвинителот Љубомир Лапе, се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол.

Според досега објавените информации од обвинителството и полицијата, осомничениот се идентификува со иницијали Т.Б., 25-годишен жител на село Малотино (општина Старо Нагоричане).

На почетокот од март, на брифинг, исто така, во Јавното обвинителство беше потврдено дека есхумацијата на телото на 35-годишна жена, покажало дека и таа е жртва на осомничениот серискиот убиец, 25-годишникот од Малотино. Тогаш беше соопштено дека се проширува истрагата против осомничениот за убиство на 78-годишна жителка на село Челопек за уште едно убиство.

Обвинителството тогаш најави дека во наредните денови ќе биде извршена уште една ексхумација, за уште една жртва за која постои сомневање дека е убиена.

Досега имаше докази за две убиства, како и за еден обид за убиство, а ДНК анализата ги поврзува случаите со осомничениот Т.Б. кој работел како овчар.

На почетокот од март обвинителот Лапе рече полицијата добила наредба да ги достави сите пријави, поплаки, телефонски јавувања, изјави на очевидци, како и сите можни настани врз основа на кои обвинителството ќе утврдува што е пријавено, кој и како постапувал по пријавите.

Жртвите и преживеаната по чија пријава всушност започнува сегашната истрага и формирањето на предметот, потекнуваат од ист регион, а според обвинителството, засега нема докази дека станува збор за сексуално насилство, ниту се пронајдени предмети за кои е пријавено дека недостигаат од домовите на жртвите.

Против осомничениот во овој случја Т. Б., како што информираа претходно деновиве од СВР Куманово, биле поднесени и кривична пријава поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK