Ненад Шапоња и Никола Јованоски први добитници на наградата „Столб на зборот“

Ненад Шапоња и Никола Јованоски се први добитници на наградата „Столб на зборот“ на Меѓународниот книжевен фестивал „Република на зборот“. Фестивалот ќе се одржи од 31 јули до 2 август оваа година во Крушево и Демир Хисар.

Писателите Ненад Шапоња од Нови Сад (Република Србија) и Никола Јованоски од Крушево (Република Македонија) се наградуваат за нивниот досегашен книжевен ангажман и поетски опус.

Наградата Столб на зборот се состои во плакета и заедничка книга (избор) на македонски јазик.

Ненад Шапоња (1964, Нови Сад) е поет, есеист и книжевен критичар, чии стихови се препознатливи во современата српска поезија по стилската префинетост, херметичноста и острите метафизички увиди. Во областа на книжевната критика ја промовира постмодерната поетика и идеосинкретичкиот интерпретативен пристап кон книжевните дела, кој подразбира живеење во книжевноста.

Десетина години бил критичар на весникот „Политика“, а во 2002 година ја основал издавачката куќа Агора, денес еден од најистакнатите српски издавачи, со единствено место во оваа област, благодарение на широките интереси и квалитетниот избор.

Книги поезија: „Ѓоконда“ (1990), „Одрази на измамата“ (1993), „Очевидност“ (1996), „Море“ (1998), „Четири поеми“ (2000, 2001), „Слатка смрт“ (2012), „Постои ли допирот на твојата душа?“ (2014), „Изгледам, значи не сум“ (2017), „Слегувам во тишината на тегот на фрлената коцка“ (2019), „Психологија на гравитацијата“ (2023, 2024), „Среќна вода“ (2024), „Близнак на времето“ (2025) и „Слободно око“ (2026).

Книги есеи и критики: „Бедекер на сомнежот“ (1997), „Автобиографија на читањето“ (1999), „Искуство на пишувањето“ (2001, 2002).

Книга патописи: „А Брисел може лесно да се изоди“ (2018, 2019, 2022, 2025).

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK