Кривична за градоначалникот на Крива Паланка за дрскиот обид да го земе запленетото возило на брат му

МВР соопшти денеска дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднела кривична пријава против С.М.(39) од Крива Паланка, товарејќи го за „спречување службено лице при вршење службено дејствие“ и „симнување и оштетување на службен печат или знак“.

Всушност, станува збор за градоначалникот на Крива Паланка и на неговите дрски постапки при обид да го земе возилото на брат му што било запленето од полицијата.

На 25 март во 17.45 чaсот во кругот на полициската станица во Крива Паланка, додека униформиран полициски службеник го обезбедувал возилото „рено каптур“, кое по наредба на Јавното обвинителство претходно било одземено во врска со чл.297-а став 2 од Кривичниот законик, сторено од Милан Митовски (брат на градоначалникот на Крива Паланка), дошол градоначалникот Сашко Митовски. Тој го отклучил возилото и ја отворил возачката врата на која имало залепено лепенка од крим-техника, со што ја скинал и се обидел да влезе во возилото.

Полицајците му наредиле да се оддалечи и бил спречен да го земе возилото кое се обезбедувало, по што тој си заминал.

Според членот 297-а став 2 од Кривичниот законик, според којшто е одземено возилото на братот на градоначалникот: Tој што не се придржува кон прописите за безбедноста во автобуски, железнички, воздушен и бродски сообраќај, сообраќај на жичари или сообраќај со други средства за масовен јавен превоз и со тоа ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од значителен обем, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Според ставот 3 тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK