Екс-директорот на БЈБ, Митко Чавков, бара ревизија на судењето за 27 април
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, кој беше осуден за настаните во Собранието од 2017 година, бара фер и законита постапка преку која јасно ќе се утврди присуството или отсуството на одговорност кај сите инволвирани страни. Според него, досегашната слика за овој настан е нецелосна и под силно влијание на тогашната политичка агенда за промена на името, поради што е неопходна проверка на работата на институциите кои го водеа процесот.
„Да подвлечам уште еднаш, ако има одговорност, таа треба да се утврди во законита, фер и непристрасна постапка. Ако нема одговорност тоа исто така треба јасно да се утврди. Најлош исход за едно општество е кога големи историски настани остануваат покриени со политички наративи и недоверба во институциите. Затоа сметам дека „зад завесите“ останаа многу прашања. А, тие прашања не се важни само за минатото, туку и за иднината на Македонија“, рече Чавков.
Во своето интервју, дадено за МИА, Чавков смета дека многу суштински прашања се намерно премолчени и дека општеството не смее да дозволи вистината за вакви значајни моменти да биде заменета со политички наративи кои ја поткопуваат довербата во правниот систем.
„Ќе бидам директен: според моето длабоко уверување, процесот за 27 април беше политички контаминиран уште од самиот почеток, тоа го темелам на конкретни факти и околности“, рече Чавков.
Comments are closed.