Во СДС ништо не се менува, Филипче по стапките на Заев е спремен да оди чекор понатаму со сервилноста и отстапките во трката за власт по секоја цена

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со ново соопштение упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ја продолжува политиката на поранешниот премиер Зоран Заев и дека е подготвен на нови отстапки поврзани со спорот со Бугарија.

Од партијата велат дека „во СДС ништо не се менува“ и дека Филипче е „продолжена рака на Заев во предавничките политики“.

„Венко Филипче целосно ја следи политичката линија на Заев, а секоја негова изјава и постапка го потврдува тоа“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се додава дека Филипче е „трет после Заев и Ковачевски кој без двоумење е спремен да ги продолжи истите одлуки и чекори кои ја доведоа Македонија во подредена состојба“.

ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на изјавата на Филипче дадена од пред гробот на Гоце Делчев, по повод годишнината од неговата смрт, кога, според партијата, тој рекол дека „не слушнал дека Бугарија го негирала македонскиот идентитет“.

„Филипче се прави дека ништо не видел и не слушнал и ги игнорира проблемите“, се наведува во соопштението.

Од владејачката партија оценуваат дека Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство и Францускиот предлог се „целосна вина на СДС“, поради што, како што велат, државата денес е „уценувана и блокирана од Бугарија на патот кон Европската Унија“.

Во соопштението се тврди и дека лидерот на СДСМ „нема црвени линии и нема концепт и стратегија“, како и дека покажал „сервилност и спремност за уставни измени веднаш, без услови и без гаранции“.

„На Македонија ѝ се потребни политичари кои имаат план, стратегија и визија за државата и кои ги штитат државните интереси, СДС и Венко Филипче не го нудат тоа“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK