Голема трагедија во Велес: Двојно убиство и самоубиство

Тешка семејна трагедија попладнево го потресе Велес – две лица се убиени, а напаѓачот, кој според првичните информации бил поранешен невенчан сопруг на една од жртвите, си го одзел животот. Неофицијалните информации велат дека жената повеќепати го пријавувала во полиција поради закани кон неа и кон нејзиниот татко.
Во минатото имало и инцидент со палење на нејзино возило, како и физички напад во кој жртвата и нејзиниот нов партнер биле претепани во нејзиниот дом. Извори од Велес тврдат дека жената им укажувала на полицајците дека не реагираат доволно и дека насилникот би можел да ја убие, пренесуваат локалните велешки медиуми.
-Две лица, едно женско и едно машко, се донесени во Ургентен центар на ЈЗУ Општа болница Велес, попладнево по 16:00 часот. Прво дежурни лекари специјалисти по хируршки болести примиле женско лице избодено со нож на повеќе места на телото и се обиделе да го реанимираат но не успеале. Потоа, исто така, примено е и момче на кое не можело да му се укаже лекарска помош бидејќи не давало знаци на живот. Лекарите во двата случаи над пациентите констатирале смрт, изјави д-р Ванчо Граматов портпарол на Општа болница Велес.
Од СВР Велес најавија дека во текот на денот ќе излезат со официјални информации за настанот и за сите детали кои го довеле до овој трагичен исход.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK