Обвинителството покрај недвижности, бара над милион евра кеш и одземање на пасошот за укинување на притворот за сопственикот на „Пуцко Петрол“
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се согласи на можноста за укинување на притворот за Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“, но под услов – да плати милионски износ и да му бидат одредени строги мерки на претпазливост.
Јахоски, кој е осомничен за перење пари и стекнување противправна имотна корист во истрагата за набавка на токсичен мазут за ТЕЦ Неготино, понуди гаранција во недвижен имот во вредност од 60,6 милиони денари (околу 1 милион евра). Но, обвинителството побара дополнителен услов – тој да депонира и 72 милиони денари (околу 1,17 милиони евра) на посебна судска сметка.
„Предлогот за замена на мерката притвор со гаранција може да биде основан само доколку осомничениот покрај недвижноста, депонира и дополнителен износ на сметката на судот, кој одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист,“ информираат од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
Дополнително, јавниот обвинител побара и Јахоски да биде ставен под посебен надзор: да не го напушта живеалиштето, редовно да се јавува кај надлежно лице и да му се одземе патната исправа, со цел да се спречи бегство или влијание врз сведоци.
Од Обвинителството посочуваат дека во меѓувреме е обезбеден најголемиот дел од доказите, што значително го намалува ризикот Јахоски да ја попречува истрагата.
„Со вакви мерки ќе бидат исполнети условите за укинување на мерката притвор“, додаваат од ОЈО.
Крајната одлука дали сопственикот на „Пуцко Петрол“ ќе биде пуштен од притвор сега е во рацете на Кривичниот суд во Скопје, кој треба да се изјасни врз основа на мислењето на Обвинителството и понудената гаранција.
Јахоски е еден од 13-те осомничени во истрагата за тендерите за набавка на мазут вредни 167 милиони евра за ТЕЦ Неготино, која беше отворена во 2023 година. Меѓу останатите осомничени се и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство) и неколку други бизнисмени и поранешни функционери.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.