Бод вреден како победа: Maкедонија одигра нерешено со Унгарија
Македонија одигра фантастичен меч на стартот од Светското првенство, бевме на чекор до победа против силната Унгарија, но мечот заврши нерешено 27-27.
Maкедонија не е аутсајдер на Светското првенство во Хрватска.Тоа го покажа на денешниот меч против фаворитот Унгарија.Бевме рамноправни, ако не и подобри и мора да им се честита за прикажаното. Кире Лазаров направи спој од младост и искуство, сето тоа надополнето од поддршката од трибините во Вараждин. Со нерешениот исход 27-27 ќе пренесеме бодови во втората фаза.
Што да се каже за мечот. Целата репрезентација играше одлично, но мора да се истакнат одличните одбрани на 39 годишниот Никола Митревски кој правеше чуда на голот и спаси неколку сигурни голови. Одбраната играше цврсто и агресивно што резултираше со мал број примени голови.
Унгарија подобро го почна натпреварот, поведоа со 5-2, но потоа следуваше неверојатна серија на Македонија од 8-1 по која поведовме со 10-6. До крајот на полувремето ние дадовме уште четири гола, Унгарците погодија осумпати и со реми од 14-14 се замина на одморот.
Во второто полувреме двете селекции се менуваа во водство, ние водевме со 27-26 и имавме напад, остануваше уште половина минута до крајот, но ја загубивме топката и дозволивме Унгарија да го изедначи резултатот на 27-27. Останаа уште десетина секунди во кои не дадовме гол за победа.
Брилијантна партија имаше Филип Кузмановски кој постигна десет погодоци. Митев реализираше трипати колку што и Велковски. Дури 11 наши ракометари се запишаа во листата на стрелците. А овој резултат немаше да биде ваков доколку на голот го немавме Митревски кој имаше дури 11 интервенции.
Играч на мечот беше прогласен нашиот капитен Филип Кузмановски.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.