„Шокиран сум“: Портпаролот на Вреди ги замрзнува политичките ангажмани по објавата дека неговиот татко допирал малолетник

Фари Хисени, портпарол на коалицијата „Вреди“ привремено ќе ги замрзне политичките активности, откако денеска обвинителството поведе постапка против неговиот 58-годишен татко за други полови дејствија врз малолетник. Според обвинителството, таткото на Хисени во раните утрински часови денеска во парк во една населба го сретнал 16-годишното момче со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира. Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција.

Хисени на својот профил на Фејсбук објави дека е длабоко шокиран и повреден од веста.

„Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако оваа информација е точна, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене туку и за целото мое семејство. Само помислата да се соочам со ова ми ја пече душата! Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите постапки и за вредностите што ги поддржуваме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од моја позиција да се согледа дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите што го истражуваат ова чувствително прашање“, пишува Хисени.

Тој додава дека целиот свој живот е активист за човекови права, борејќи се против неправдата и насилството во сите нејзини форми.

„Не можам да бидам рамнодушен кон неа, без разлика од кого доаѓа. Исто така, во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство што е можно повеќе. Ни треба простор за мирно да се соочиме со оваа ситуација, далеку од очите на мислењето кое само ја влошува оваа ситуација во која се наоѓаме уште повеќе!“, пишува тој.