Се празнат училиштата – 500 првачиња помалку од лани

Податоците се поразителни. Државата не може да има иднина ако продолжи овој тренд, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Бранот на иселување продолжува да ги празни македонските училишта. Во мај во основните училишта се запишале 17.200 првачиња, или за 500 помалку од лани.

„Податоците се поразителни. Државата не може да има иднина ако продолжи овој тренд. Ќе се потрудиме да ги промениме состојбите, да ги задржиме нашите граѓани да останат тука и да бидат задоволни од условите за образование, за работа и живеење“, изјави во четвртокот (08.08) министерката за образование и наука, Весна Јаневска по посетата на Основното училиште „Наум Охридски“ во селото Булачани.

Според неа, мора да се работи на сите полиња, за да се стопира процесот на иселување на младите. Поради тоа, Министерството за образование и наука (МОН) во следните три години најавува дека ќе се градат нови 28 училишни спортски сали во Македонија. „Само така можеме да им создаваме подобри услови за образование и живеење во Македонија, посилно чувство на припадност во општеството и мотив да останат и понатаму да помогнат во развојот на државата“, вели Јаневска.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2023/2024 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.124, што претставува намалување за 1.6 % во однос на претходната учебна година, кога имало 185.099 ученици.

Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2023/2024 година, изнесува 67.278, што исто така значи намалување за 2.8 % во однос на претходната учебна година, кога имало 69.227 средношколци. Од 2017/2018 до 2022/2023 вројката на ученици во основото образование е намалена за 6.272 деца.

Поради намалениот број на ученици, постои опасност дел од училиштата, посебно во руралните средини, да се затворат. Во тек е проект за оптимизација на училишната мрежа во земјата. Под лупа ќе бидат ставени училишта во одредени региони каде има само по неколку деца, а на оддалеченост од два километри постои друго централно училиште, каде децата ќе можат да посетуваат настава.

За една година 14 основни училишта во Македонија ставиле клуч на вратата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека од 976 во 2021/2022 година, бројот на основни училишта минатата година се намалил на 962. Истовремено, било затворено и едно специјално основно училиште и сега нивниот број е 35. Статистиката исто така забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.