Осомничениот напаѓач во Солинген, кој изврши напад со нож ѝ се предал на полицијата. Министерот за внатрешни работи изјави дека „го имаат осомничениот по кој трагале цел ден“, пишува Шпигел.
Напаѓачот е фатен по повеќе од 24 часа откако го извршил нападот.
Сириецот Иса ал-Х се предал на полициска патрола, а неговата облека била валкана и крвава, изјавиле полициски извори за Шпигел.
Како што наведува весникот, 26-годишниот Иса ал-Х е роден во сирискиот град Деир ал-Сор. Тој дошол во Германија на крајот на декември 2022 година и поднел барање за азил во Билефелд. Една година подоцна, тој ја добил таканаречената супсидијарна заштита, која често им се доделува на бегалците од земјите погодени од граѓанска војна. Тој е сунитски муслиман.
Според информациите на Шпигел, тој претходно им бил непознат на безбедносните власти како исламистички екстремист.
Три лица загинаа, а осум се ранети во напад со нож што се случи вечерта на 23 август на Фестивалот на различностите, кој се одбележува на 650-годишнината од основањето на градот Солинген. Првите информации беа дека непознат маж избодел неколку лица на централниот градски плоштад.
ИСИС ја презеде одговорноста за нападот. Од таму соопштија дека цел на напаѓачот во Германија биле христијаните и дека бил „војник на Исламската држава“, кој го извршил нападот „за да се одмазди за муслиманите во Палестина и ширум светот“.