РАДЕВ ДО МИЦКОСКИ: Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој мора да се имлементира, a не да се ревидира
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека Договорот за добрососедство не може да се ревидира. Ова е одговор до македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
„Државниот врв на Република Македонија има многу да научи. Ние сме подготвени да помогнеме и секогаш сме помагале на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сепак, овие процеси брзо ја оддалечуваат земјата од евроинтеграциите. Со тоа ги загрижуваат и Бугарија и Грција, бидејќи не можете да бидете членка на НАТО и да сакате да станете членка на ЕУ и да излезете со слични позиции, важно е Република Северна Македонија да се држи до својот европски пат“, вели бугарскиот претседател.
Рече дека државниот врв на Република Македонија не е подготвен, а познавањето на меѓународното право е неопходно, што според него тука недостасува.
„Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој мора да се имлементира од сите влади, а не да се ревидира“, кажал тој, пренесува бугарската државна агенција БТА.
Maкедонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова и премиерот Христијан Мицкоски се главна тема на разговорите меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и бугарскиот претседател Румен Радев во Атина.
Грчките медиуми јавуваат дека „провокативниот став и на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска и на премиерот Христијан Мицкоски се очекува да бидат главна тема на средбата“.
Прекршување на Договорот од Преспа од страна на новото раководство на Македонија го испровоцира грчкиот премиер да изјави дека ако Скопје остане на таа позиција, тоа ќе значи откажување од европскиот курс, пишуваат грчките медиуми.
Од своја страна, Софија го обвинува Скопје за кршење на правата на бугарското малцинство.
Бугарското Министерство за надворешни работи во средата силно ја критикуваше новата влада на Македонија, нарекувајќи ги нејзините намери „неприфатливи“ поради одбивањето да ги почитува меѓународните обврски и договори. Острата реакција следува по изјавите на Мицкоски, што укажува на желба за повторно преговарање за преговарачката рамка со Бугарија, коментираат бугарските медиуми.