Честитка од Сиљановска Давкова по повод Денот на сесловенските просветители

Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод големиот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.

Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.

Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање.

Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј“ напиша Силјановска Давкова.

Претседателката ја предводи државно-црковната делегација во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, а денеска во базиликата „Свети Климент“ традиционално како и секоја година ќе се одржи молебен на гробот на Свети Кирил. Молебенот ќе го водат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен.