Ковачевски како да не живее во Македонија : СМЕТА ДЕКА ЌЕ ОСВОИ 61 ПРАТЕНИК

Иако нема анкета на која води СДСМ од досега излезените во јавност и медиуми, сепак претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вели дека коалицијата „За европска иднина“ ќе освои над 61 пратеничко место и ќе ја формира идната „проевропска влада“. Тој очекува победа на изборите и на нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски.

Над 61 пратеник ќе има коалицијата „За европска иднина“ и коалиционите партнери и ќе формираме проевропска влада со која што Македонија ќе има многу јасен правец во однос на тоа каде ќе се движи и како ќе обезбедиме подобар европски животен стандард за граѓаните. Јас веќе на почетокот ви кажав дека знам што ги загрижува граѓаните, бидејќи ако некој знае што е она што ги загрижува, тогаш тоа сум јас и ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени тогаш тоа сум јас. Јас сум подготвен тоа да го направам. На првиот ден кога ќе формираме влада јас ќе поднесам уставни измени во делот на реформи на Судскиот совет, во делот на изборот, траењето на мандатите, што е тоа истакнат правник, начинот на санкционирање, оценување итн. на секој член на судскиот и на правосудниот и обвинителскиот систем. Истото тоа се однесува и на политичарите, вели тој.