Службеникот кој издаде умреница место венчаница на синот на Стевчо ќе биде САНКЦИОНИРАН!
Од управата за водење матични книги се извинија до семејството на Стевчо Јакимовски за, како што велат, немилиот настан, велејќи дека се работи за несакана грешка на издаден погрешен образец. Додаваат дека административниот службеник што го направил пропустот во краток рок ќе биде санкциониран.
„Направен е увид во целокупното постапување по предметното барање за издавање на извод на интернационален образец од матична книга на венчаните. Утврден е пропуст сторен од страна на административен службеник, вработен во управата, подрачно одделение Скопје и истиот во краток рок ќе биде санкциониран, согласно законот за административни службеници“, пишуваат од управата за водење матични книги.
Градоначалникот на Општина Карпош, и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски денеска се пожали на, како што рече, траорна и смешна грешка. Матичните служби, на неговиот син и снаа, наместо венчаница, им издале умреница.
Семејството на Јакимовски не е единствено со вакви погрешени документи. Ревизорскиот извештај од 2021 година покажа дека во 2019 година, управата за водење матични книги издала скоро 22.000 згрешени документи, што претставува 4 отсто од сите документи.