ОЈО оформи предмет за Данела Арсовска за незаконското назначување директор на МКЦ

Откако програмскиот колегиум на МКЦ ја доби и втората тужба против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со правосилна одлука на Управниот суд, Основното јавно обвинителство оформи предмет.

Ова за НОВА ТВ го потврди службата за односи со јавност на ОЈО, одговарајќи на новинарско прашање, дали ОЈО презема дејствија по одлуката на Судот во полза на тужителите.

„Оформен е предмет и јавен обвинител презема дејствија на проверки.“, одговорија од ОЈО.

Управниот суд досудил против одлуката на Арсовска, да постави на функцијата, в.д. директор на МКЦ некој кој не е од редот на вработените, зашто пред да ја добие таа функција Никола Алексов беше ангажиран во МКЦ преку Агенцијата за привремени вработувања. Тоа е спротивно на Законот за вработени во јавниот сектор.

Одлуката на Управниот суд е правосилна и против неа Арсовска нема право на жалба, а од Програмскиот колегиум велат дека имаат право да ги поништат сите одлуките, донесени од Алексов.

Со ова практично МКЦ имал фиктивен директор, односно незаконски поставен, се до назначувањето на новиот директор Бени Шаќири кое исто така беше нотирано дека е незаконско, односно дека градоначалничката Арсовска го назначила без да ги информира противкандидатите на конкурсот и самата инстутуција со што е направен превид да се испочитува законскиот период за евентуална жалба.

Во меѓувреме МКЦ во однос на своите програмски активности „дише на шкрги“, откако новиот Шаќири ги замрзна договорите за хонорарни ангажмани со образложение дека тоа е препорака на ДКСК за периодот во предизборието. МКЦ испратил допис до антикорупционерите од каде пак добиле одговор дека тие не се надлежни за ова прашање.

Извор: НОВА ТВ