Зет на Заев седна на обвинителна клупа за случајот „корнишони“

Основното обвинителство во Велес поднесе обвинение против Атанас Костов, зет за прва братучетка на Заев, Емилија Заева Костова.

Осомничен е дека со фиктивни фактури се обидел имотот на сопствената фирма „Дена Продукт“ да го префрли на фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на неговата сопруга со цел да избегне да го плати долгот на австриската компанија АММА од 4 милиони евра

Граѓанскиот суд во Скопје отвори стечајна постапка за фирмата „Дена Продукт“ во исто време кога велешкиот суд забрани отуѓување на имотот

Австриската амбасада го следи судскиот процес во Велес

Обвинителство: Обид со „измамнички дејствија“ да се избегне долг од 4 милиони евра

Градот Велес повторно стана седиште на валандовската фирма за корнишони „Дена Продукт“ чиј управител и сопственик е зетот за прва братучетка на екс премиерот Зоран Заев, Атанас Костов. Токму поради ова велешкото обвинителство ја доби надлежноста за истрага за случајот за кој алармираше австриската амбасада во Скопје.

После повеќе од половина година откако Радио Слободна Европа пишуваше за случајот „корнишони“, Обвинителството поднесе обвинителен предлог против Костов во кој е опфатен и управителот на фирмата „Глобал Трејд“, каде пак сопственик е сопругата на Костов, Емилија Костова Заева, но и против нотар и извршител.

РСЕ присуствуваше на подготвителното рочиште во судот во Велес кое се одржа на 12 февруари 2024 година, но таму не се појави ниту еден од обвинетите. Според обвинението во кое РСЕ имаше увид, Костов со помош на фиктивни фактури сакал да ја „осиромаши“ сопствената фирма, со цел австриската АММА, на која и должи околу 4 милиони евра, да не може да си го наплати долгот.

АММА има правосилна пресуда која ја доби на арабитражен суд во Виена, а РСЕ пишуваше за начинот на кој Костов успеал да ги „изигра“ сопствениците на АММА од Австрија.

Обвинителниот предлог кој го поднесе обвинителката Гордана Тодорова се опфатени настани кои се случувале во периодот од февруари 2022 година до октомври 2023 година.

Според обвинението, Костов имал намера да овозможи имотот на должникот „Дена продукт“ да премине во сопственост на фирмата „Глобал Трејд“ на неговата сопруга и со тоа да ја спречи можноста за исплатување на оштетениот „АММА Хоеменс“ Австија во висина од 3.886.473 евра.

Обвинетиот Атанас Костов во исто време бил управител и на „Дена продукт“ – Велес и на „Глобал Трејд“ – Валандово, каде пак сопственик е неговата сопруга Заева Костова.

„Со повеќе измамнички дејствија вистински ја загрозил имотната состојба на Дена продукт така што создавал фиктивни обврски, фактури, позајмици и извршил промена на управителот на Глобал Трејд. Нов управител е запишан Томчо Органџиев кој со умисла му помогнал на обвинетиот Атанас Костов.“, пишува во обвинението.

Деловниот однос меѓу австриската АММА и „Дена Продукт“ бил со договор за есклузивен извоз. Со него и се овозможило на македонската компанија финансиска поддршка преку авансно плаќање за сигурно производство, споделувајќи и го целокупното знаење за одгледување и производство на корнишони. Договорот ја обврзувал „Дена Продукт“ да ја продава стоката исклучиво на австриска АММА.

Поради непочитување на договорот австриската фирма одлучи правдата да ја бара на Арбитражен суд во Виена. Додека траел процесот „Дена продукт“ ги префрлила вработените во фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на Емилија Заева Костова, каде претходно управител бил самиот Костов, а по тоа на негово место бил назначен Томчо Органџиев.

Целокупното производство на корнишони исто така било пренасочено. Во тоа време е променета и адресата и од Валандово, па тогаш „Дена Продукт“ се сели во Велес.

Во шемата вклучени и нотар и извршител

Според обвинението, новиот управител на „Глобал Трејд“, Томчо Органџиев и управителот на „Дена Продукт“, Атанас Костов ставиле потпис на рачно изработена табела со неплатени фактури. Обвинителството се сомнева дека нотарот Гоце Ѓураковски од Велес го прифатил списокот кој не соодветствувал со книговотството на фирмите и кој според законот за нотаријат не претставува веродостојна исправа. Вкупниот износ кој наводно го должела „Дена Продукт“ бил 177 милиони денари. На оваа сума, според обвинителството Ѓураковски донел два нотарски налози и ги испратил на извршител.

„Иако не бил поминат рокот за доброволно исполнување на обврската определена со решението, обвинетиот Томчо Органџиев дозволил да биде поднесено на извршување кај извршител Ангел Костадиновски од Кавадарци каде се оформени предмети“, пишува во обвинението.

Обвинението опфаќа уште „измамнички дејства“ кои наводно ги сторил Костов. Во неколку наврати создавал фиктивен долг на неговата фирма „Дена Продукт“ кон „Глобал Трејд“. Според обвинителството тој признал невистинито побарување за позајмици во вкупен износ од 14 милиони денари.

Извор: Радио слободна Европа