Мицкоски: ОВА Е ГОДИНА НА ПРОМЕНИ кои ќе значат прогрес и успех
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски присуствуваше на централната свечена божествена литургија по повод празникот Христово раѓање – Божиќ во Соборниот храм „Свети Климент Охридски”.
По завршувањето на свечената божествена литургија, Мицкоски во изјава за медиумите на сите кои денеска го славата Христовото раѓање им посака здравје, среќа и многу мудрост и трпение.
– Им ги честитам овие празнични денови, новогодишние празници, и во мир и благосостојба да ги поминат, бидејќи во периодот којшто следи, не очекуваат пред се големи предизвици, за граѓаните и за државата, порача Мицкоски.
Прашан каде се падна паричката за Бадник, Мицкоски, рече „кај татко ми, кај главата на фамилијата“.
Мицкоски, упати и политичка порака, порачувајќи дека следува година на промени.
– Година на промени. Годината на промени ќе одбележи и големи поместувања, кои што ќе значат прогрес, благосостојба, успех, за сите оние кои што нормално тоа го посакуваат, а нема граѓанин што тоа не го посакува, изјави Мицкоски.
Во врска со секојдневните скандали и случувања тој изјави:
„Секој ден имате по еден скандал кој кулминираше со ова дивеење на онаа бандитска криминална група која упадна во просториите на Македонска навигација. И она партиско октроирано обвинителство и судство кое тоа го помина како небаре да станува збор за некој кој позајмил десетина ќебапи од ќебапчилница“, вели Мицкоски.
Според него овие скандали кои се случуваат укажуваат дека се потребни промени.
„Жалосно и трагично е ова што се случува. И затоа ни се потребни промени да не ни се случуваат вакви бандити, односно ако се случат веднаш да бидат санкционирани и казнети“, кажа Мицкоски.