Скандалозна група на Фејсбук „Правда за Палчо“

На социјалните мрежи се шират срамни завери за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес. Се формираат групи преку кои се бара правда за првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо, кој според институциите е организатор и извршител на две убиства.

Една таква скандалозна група која бара правда за осомничениот киднапер и убиец има скоро 100 членови и еден администратор – „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“, пишува „Плусинфо.мк“

Групата е формирана вчера наутро и во неа има неколку постови. Во нив Палчо најмногу се опишува како „вистински македонски патриот“.

– Сите ние кои лично го познаваме Палчо, знаеме дека тој беше невино обвинет за грозоморното и монструозно убиство на Вања. Знаеме дека заедно со некои негови најблиски соработници им беше формиран случај во кој брутално ги жртвуваа животите на децата. На детето му ја одземаа младоста, радоста што му ја носи животот, потомството, среќата да се биде блиско со саканите, другарите и пријателите… Создадоа непријателско и насилно јавно мислење, создадоа потенцијални чудовишта кои се подготвени да ги распарчат невиниот го обвини Палчо како што би направил најкрвожедниот волк. Потенцијалните чудовишта ќе им го направат истото на сите познаници и колеги на Палчо. Почитувани Македонци, драги сограѓани, драги пријатели и непријатели, ве молиме не спуштајте ги главите, само така ќе можеме да се избориме за вистината, да ги најдеме вистинските чудовишта кои ги убија Вања и Панче. Само така ќе можеме да дознаеме кои се идеолозите, организаторите и извршителите на овие грозоморни, брутални и политички убиства – стои во објавата на групата.