ВМРО-ДПМНЕ: Со сите демократски и парламентарни методи ќе го спречиме донесувањето на законот за амнестија

Оваа власт на Ковачевски е во очај. Затоа во рок од 6 години подготвуваат нова амнестија со која треба на слобода, а со тоа и на улиците, стотици криминалци на кои веројатно им било ветувано ослободување за да може да им работат во изборна кампања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека овој закон за амнестија како и скорешната измена на КЗ значат упад во правната држава и се прават шверцерски, интерно само внатре во владината коалиција без јавна расправа и консултации со експертите, што само говори дека се работи за партиско – политичка операција.

-Информациите во јавноста кои говорат дека со оваа амнестија се ослободуваат учесници во тешки кривични дела, како учесници во странски боишта или осудени за случајот со убиството кај Смиљковци, само покажуваат зошто власта се обидува сето ова да го протурка кришум и набрзина.

ВМРО-ДПМНЕ ваков закон нема да поддржи и со сите демократски и парламентарни средства ќе го блокира неговото донесување, бидејќи овој закон не е ништо друго туку исполнување на одредени концесии кои коалицијата на Ковачевски ги давала кон одредени структури. ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик, вклучително и со подземјето кое шурува со владеачките партии, но и со нивните наредбодатели кои креираат хаос за евентуално да се спасат од одговорност. Пораката е јасна, правната држава и владеењето на правото се врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ како одговор на тоталниот криминалитет и распад на системот кој го спроведува власта на Ковачевски, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.