Адеми и фирмите блиски до него ѝ донирале на ДУИ скоро 160 илјади евра
Рекламни паноа и билборди фирмата „Скрин медиа“ ѝ изнајмила на ДУИ за време на локалните избори во 2021, а истовремено таа година, била еден од најголемите донатори на партијата. Директор на „Скрин медиа“ е Елмедин Адеми, кој е и прв човек на фирмата „Еуровиа“, која е во фокусот на јавноста откако го доби тендерот од 1,8 милиони евра за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ што треба да се одржи во декември, објави Телма.
„Скрин Медиа“ како што покажува годишниот извештај за донации за 2021, на ДУИ ѝ донирала речиси 20 илјади евра. Додека пак фирмата од партијата за своите услуги наплатила речиси 34 илјади евра и дополнителни околу 3000 евра за изборите за Совет на Општина Тетово кои се одржаа наредната година. „Скрин медиа“ за потребите за изборната кампања за локалните избори била ангажирана од сите партии, но само на ДУИ и донирала пари.
Законот забранува политички партии да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор.
Но и покрај тоа во изминатите три години, Елмедин Адеми и фирмите блиски до него – „Еуровиа“,„Скрин медиа“,„Виаком“, „Талента“, „Енеа“ и „Адел“, ѝ донирале на ДУИ скоро 160 илјади евра.
Самостојно Адеми на ДУИ лани ѝ донирал двојно повеќе пари од сите имиња на листата. Додека пак заедно со „Еуровиа“ и „Виаком“ пет пати повеќе од останатите донатори или вкупно 100 илјади евра.