Повеќе од илјада студенти на Универзитетот во Приштина со седиште во Митровица, граѓани од Звечан, Митровица и Лепосавиќ, како и пријатели, роднини и членови на семејството на Милан Јовановиќ (39) од Звечан, кој во понеделникот вечерта беше застрелан од припадниците на косовската специјална полиција РОСУ, протестираа денеска во Митровица, пренесува „Новости“.
Колоната луѓе ја почнала протестната прошетка кон Лепосавиќ и кон Бистрички мост во Звечан, каде што се наоѓа контролниот пункт на РОСУ во чија близина и беше застрелан Јовановиќ.
Мирниот протест на Србите бил придружуван од десет членови на РОСУ вооружени со пушки, како и од едно оклопно возило. На паролите што ги носеле Србите пишувало „Тука не ви е местото“, „Заминувајте одовде“, „Европо, пукаат во нас!“.
На околу 500 метри од полициската станица кај Бистрички мост, полицијата се обидела да ги спречи граѓаните, пренесува „Косово онлајн“, а по преговорите кои траеле 10-15 минути прошетката продолжила.
Колоната ја преводела Мирјана, сопругата на застреланиот Србин од Звечан. Таа прва се потпишала и на петицијата со која косовските Срби бараат РОСУ да се повлече од северот на Косово.
Денеска дојдов тука со луѓево за да добијам правда за мојот сопруг и за сите луѓе кои живеат овде во Косово, да потпишам петиција за отстранување на сите специјални единици од Косово за никогаш повеќе да не се повтори тоа што му се случи на мојот сопруг. Многу е тешко, сите сме загрижени и исплашени. Не можам да ги смирам децата, вели Мирјана.
Колоната граѓани што се упатила од Лепосавиќ кон Бистрички мост била запрена од претставници на РОСУ кои не им дозволиле пристап до местото каде што ја потпишувале петицијата.
Полицијата им дозволила премин само на неколку лица, меѓу кои и претставници на општина Лепосавиќ, кои стигнале до пунктот каде што биле собрани граѓани од Северна Митровица и Звечани. Таму ја потпишаа петицијата и со документите се вратиле кај своите граѓани за и тие да ја потпишат петицијата.
Припадниците на КФОР ја следеле ситуацијата од блискиот рид.
Потпишувањето на петицијата продолжува и во наредните денови во сите општини на северот на Косово.
Во меѓувреме, „Ало“ пренесува дека во близина на местото каде што се стационирани специјалните сили на косовската полиција, кај Бистрички мост во текот на ноќта била поставена табла со предупредување „Специјалците на Курти пукаат во Србите“.
Таблата е поставена на местото каде што завчера беше застрелан Јовановиќ, и ги предупредува возачите дека недалеку од него има пункт на РОСУ, кој бил поставен кон средината на декември минатата година за време на барикадите на северот на Косово.