ВМРО-ДПМНЕ не одговори на повикот на Министерството за правда за учество во работната група за нов Изборен законик
До Министерството за правда до попладнево не е пристигнат никаков одговор од ВМРО-ДПМНЕ на повикот за нивно учество во работната група за подготовка на нов Изборен законик.
– Ве информираме дека и покрај испратениот допис до ВМРО ДПМНЕ да предложат свој претставник во работната група за подготовка на нов Изборен законик како и поканата претседателот на работната група да биде нивен предлог, досега до Министерството за правда нема пристигнато никаков одговор, ниту позитивен ниту негативен. За ова се известени сите меѓународни фактори и организации, се наведува во соопштението на Министерството за правда.
Од Министерството посочуваат дека Работната група која ќе треба да го подготви новиот Изборен законик ќе се формира во најкус можен рок.
– Министерството за правда смета дека во нејзината работа треба да учествува и ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението.
Министерот за правда Кренар Лога минатата среда по средбата со неговата австриска колешка Алма Задиќ изјави дека останува рокот до 31 март (петок), што и го даде на ВМРО-ДПМНЕ да предложи свој претставник во работната група измените на Изборниот законик.
– Да почекаме до петок, рече Лога во одговор на новинарско прашање дали работната група за промена на Изборниот законик ќе почне да работи и без најголемата опозициска партија, доколку таа не предложи свој претставник во неа.