Во Гостивар одбележани четири години од трагедијата кај Ласкарци

На комеморативен собир на градскиот плоштад во Гостивар беше одбележана годишнината од загинувањето на шеснаесет патници кај скопското село Ласкарци и промовиран спомен парк.

Покрај членови на семејствата на настраданите на собирот беа и претставници на локалната самоуправа и општинскиот совет. Tие во обраќањата испратија пораки, дека вакви трагедии не треба да се повторуваат и од надлежните институции побараа да ги дадат одговорите за причините кои доведоа до трагедијата.

Јасин Демири од општина Гостивар, напомена дека во малиот парк во центарот на градот е уреден простор кој претставува спомен-парк. На ова место пред два месеци беа засадени 16 дрвја (тиса), а од неодамна се поставени табли со имињата на загинатите патници. Иницијативата беше на роднините на настраданите и беше реализирана во соработка со локалната самоуправа ЈП „Градски паркиралишта и зеленило“.

Во спомен на загинатите беа вклучени 16 рефлектори кои беа насочени кон небото.

На овој ден во 2019-та година, на линија Скопје – Гостивар, автобус на превозникот „Дурмо Турс излета од коловозот со 51 патник. Како последица на повреди здобиени но несреќата животите ги загубија: Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски, Дејан Ристоски, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бесим Фетаи, Онур Садику, Трпана Јаневска, Павле Костоски, Арсе Арсоски, Ферди Касо и Ерза Османи.

За овој случај се води судски процес во Кривичниот суд во Скопје. Шест лица се обвинети за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.