Во Пирот се уште вонредна состојба, и натаму има протекување на амонијак
Во Пирот се уште е на сила вонредната состојба поради истекување на амонијак од вагон-цистерна кој излета од шините на десетина километри од градот, а според последните анализи на воздухот, во градот нема амонијак, но гасот од резервоарот се уште протекува, па концентрациите во тој дел се зголемени, јави денеска РТС.
Училиштата и градинките и денеска нема да работат. Двајца мажи починаа, а обдукцијата ќе покаже дали причината за смртта е труење со амонијак. Од околу 50 повредени во болниците во Пирот и Ниш, 11 се задржани на лекување.
Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Пирот Зоран Николиќ за РТС изјави дека водоснабдувањето на градот не е доведено во прашање, бидејќи не се снабдува од отворени водотеци, реки и езера, туку од извори.
-Сè е затворено и затоа постои минимална веројатност да се случи некакво загадување во однос на квалитетот на водата, рече Николиќ и истакна дека Пирот има и фабрика за вода, која, како што вели, може да помогне доколку се случи некој проблем.
Тој посочува дека водата во Пирот е сосема исправна, дека водоснабдувањето е редовно, но поинаква е ситуацијата во Станичење каде се излизга вагонот-цистерна.
-Ситуацијата е поинаква, локалниот извор во Станичење е на 150 метри од Нишава. Иако анализите покажаа дека и водата е исправна, дека нема присуство на амонијак, рече Николиќ.
Како што вели, квалитетот на водата се следи дење и ноќе, а се вршат и вонредни и редовни контроли.
Градоначалникот на Пирот, Владан Васиќ изјави дека резултатите се многу подобри кога станува збор за контаминација на воздухот и водата со амонијак во тој град и дека очекува од утре децата да се вратат во училишните клупи, а вработените на своите работни места.
Васиќ за РТС вели дека е поставена мобилна станица која го мери квалитетот на воздухот во индустриската зона, која го мери амонијакот.
-Од час во час присуството на амонијак е во белата зона. Не е ни во зелената зона, што е прифатливо, туку под границата. Исто така, голем пад на амонијак е забележан во Нишава кај Бела Паланка, изјави Васиќ.
Градоначалникот Пирот очекува на денешната седница на Кризниот штаб да биде укината препораката за затворање училишта и работни организации.