ВМРО-ДПМНЕ: Зарко Милошевски не е нов лик во АНБ, туку продолжена рака на екс директор Димовски и Зечевиќ

Зарко Милошевски не е нов лик во АНБ, туку продолжена рака на екс директор Виктор Димовски и Миле Зечевиќ. Милошевски како помошник директор за безбедносни проверки директно учествувал во случајот Онишченко, и е исто толку виновен како Димовски и другите лица вмешани во овој скандал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека Милошевски може да се “пофали” и со давање на македонски патни исправи на 200 криминалци од регионот и светот.

-Наместо, Милошевски да биде разрешен од позицијата помошник директор, Ковачевски го унапредува со назначување на прв човек на АНБ. Ковачевски уште еднаш покажува дека единствен интерес на власта е политизација и партизацијата на институциите и исполнувања на барањата на клановите на СДС кој се бореа за оваа директорска позиција.Да беше Македонија правна држава, до сега Димовски наместо за амбасадор во Франција, а Милошевски за директор на АНБ, ќе одговараа кривично за бројните пропусти со делење на македонските пасоши на нарко босови и давање државјанство на лица на црната листа на САД, се наведува во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, власта во континуитет го уништува безбедносниот систем во државата. Велат, 7 години СДС раководи со МВР и безбедносниот систем, 7 години Македонија има безбедносни пропусти и нарушување на безбедноста.

-Безбедносната состојба со СДС на власт е се полоша.Ова мора да заврши, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.