Целото земјоделие е во колапс – Македонија ќе биде земја на гладни луѓе

Кочанските оризопроизводители излегоа на протести,  во селото Облешево го блокираат патот Штип-Кочани. Сметаат дека откупната цена и на белиот ориз и на оризовата арпа се прениски и годинава не им ги покриваат трошоците.

Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството вели дека производствената цена е повисока од откупната. Барањето е пред да почне жетвата да се одреди откупна цена, а бараат и средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Ланската реколта беше откупувана од 15 до 18 денари, а сега се откупува од 20 до 22 денари, кој може да опстане, истото е и со пченицата, тутнот, грозјето. Буквално целото земјоделие е во колапс“, вели Арсов.

Оризопроизводителот, Стојче Ташовски забележа дека секој ден им се трупаат долговите, а земјоделците тонат во сиромаштија и не можат да си платат пензинско и здравствено осигурување.

„Цената на жетвата оваа година ќе се покачи, заради тоа што нафтата е зголемена, а исто и трошоците за комбајни. Јас не знам како ќе почнам жетва оваа година. Една вреќа е 15 денари, пластична 20 денари, а кило оризова арпа е 20 денари. Тоа е срамота. Зелена нафта никој нема добиено, тоа е само пропаганда на власта“, вели Ташовски.

Подрршка на оризопроизводителите дадоа и земјоделци од другите региони од државата. Ѓорѓи Каракашев од Радовиш порача дека македонскиот аграр е банкротиран.

„Да упатиме и порака до граѓанството дека ние ќе бидеме гладна нација, ќе немаме храна да се прехраниме. Десет посто од површините не се обработуваат. Жално и страшно е што не очекува во иднина“, вели Каракашев.

Дане Јошев од регионалното Здружение „Тиквешки лозар, овоштар“ од Кавадарци посочи дека и лозарите се во иста ситуација како и оризопроизводители, без да се има формирано откупна цена, а не е, како што вели, и оставарена средба меѓу лозарите, винарите и ресорниот министер.

„Бербата ќе почне од понеделник, плус не е платена зелената нафта, регистриран млад земјоделец плус 20 посто не е исплатено, редовните субвенции што беа за контрола 1.800 души не се исплатени. Лани немавме приноси од негрижата на Водостопанство, имавме суша, елементарна непогода и за тоа се поднесени документите и за тоа немаме ништо“, вели Јошев.

Нове Јошевски пчелар од Кавадарци забележа дека годинава била катастрофална за пчеларите.

„Ние оваа година имаме големи загуби, на цела територија на Македонија. Никој не дојде да не праша, која е причината, ветеринарните лекари ќе го викнеш и тој не знае“, вели Јошевски.

Посочи дека пчеларите немаат добиено субвенции, а, како што вели, оваа година беше медна, но, немаше пчели. Најавуваат и повисока цена на медот.

„Сега тегла мед е 600 денари, а треба да биде барем 1.000 денари, за да бидеме рентабилни и со таа цена ќе постигнеме нешто“, вели Јошевски.

Кочанските оризопроизводители го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани со што го искажаа своето незадоволство.