Даштевски: Утрешните избори очекуваме да поминат во најдобар ред
„Очекуваме утре изборите да поминат во најдобар ред, а за тоа да биде уште подобро, цела недела во Одделението на Државната изборна комисија се одржуваа обуки, а претходно беа извршени и измени на членовите кои дадоа оставка или веќе не се дел од општинските комисии. Апаратите за отисок од прст се ажурирани, што не е тежок процес бидејќи се работи за три општини“, информираше претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
Во централниот дневник на телевизија „Сител“, Даштевски соопшти дека за утрешните избори на избирачкиот список има пријавено 101.000 лице.
Во 09:30 часот, ДИК ќе одржи прес-конференција за излезноста, а околу 12:30 часот членови на ДИК ќе присуствуваат на самото место на гласање во Тетово, каде исто така ќе се одржи прес-конференција по што ќе бидат посетени и Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Во 19:30 часот е предвидено ДИК да одржи прес-конференција за првичните резултати за излезноста.
Во врска со малата излезност во Маврово Ростуше и Центар Жупа, претседателот на ДИК посочи дека се работи за области каде што голем дел од граѓаните се заминати надвор од државата.
„Има кандидати во сите општини, претходно немаше. Во Маврово Ростуше има двајца кандидати, а Центар Жупа има само еден кандидат. Минатиот пат имаше еден и се откажа и немаше избори. Бидејќи сега има еден кандидат ќе се гласа за тој и ќе му треба една третина излезност и да освои 50 проценти од гласовите плус еден. Во Маврово Ростуше каде што има двајца, се смета дека ќе се одлучи во првиот круг“, рече Даштевски.
Денешното гласање, на кое гласаа болните и изнемоштени лица и лицата во казнено поправни установи, како што соопшти претседателот на ДИК, се одвивало мирно и нема ниту една забелешка и приговор. Во Маврово Ростуше гласале 35 болни и изнемоштени лица од пријавени 40, во Центар Жупа сите 29 пријавени лица, а во Тетово гласале 23 од пријавени 24 лица.
„Право на глас денеска имаа и затворениците. Пријавени се вкупно 94 гласачи. Во Казнено поправната установа „Идризово“ од пријавени 56, гласале 37. Во Шуто Оризари се пријавиле 12 гласачи, а гласале седум. Во Струга, Тетово и Штип гласале сите, односно 21 гласач“, соопшти Даштевски.
На прашањето дали Државната изборна комисија е подготвена за предвремени парламентарни избори, Даштевски потврди дека се подготвени, но, како што посочи, имаат недостаток на вработени кои заминале во пензија или во други институции и нагласи дека е потребно да се одобри пополнување на 15 до 20 работни места.