Владата го задолжи Министерството за Здравство вo рок од два дена да достави информација за случувањата поврзани со Клиничката болница „Жан Митрев“

Владата на денешната 61-ва седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје.

Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај, велат од Владата.

„Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана постапката, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во Клиничката болница „Жан Митрев“ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден кога истекува рокот за да се изјасни болницата“, изјави попладнево на прес-конференција министерот за здравство Беким Сали.

Целта на извештајот, како што рече, ќе биде да ја констатира фактичката состојба и да ги адресира сите сознанија до кои ќе се дојде.