Преговорите помеѓу СОНК и МОН продолжени за уште 10 дена
СОНК и Министерството за образование и наука (МОН) на вчерашната онлајн средба се договорија преговорите меѓу СОНК и МОН да продолжат за уште десет дена.
Како што соопшти СОНК, на средбата, неминовен бил заклучокот дека двете страни на колективниот работен спор имаат потреба од поголем временски период од 10 дена, под покровителство на назначениот помирувач од Министерството за труд и социјална политика, а во рамките на рокот согласно член 27 од Законот за мирно решевање на работни спорови, со оглед на фактот што, како што наведуваат од СОНК, преговорите се движат во нагорна линија.
Со оваа препорака предвидено е во дополнителните 10 дена, да се утврди процентот за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
– Содржината на препораката се утврдува со цел во понатамошните преговарања да не се почнува одново, туку од таму каде што е постигната согласност, а со цел изнаоѓање на оптимално решение за страните, во насока на одговорно разрешување на настанатиот спор, соопштија од СОНК.
Работната средба меѓу СОНК и МОН се одржа вчера во попладневните часови преку електронски пат, во рамките на десетдневниот рок за помирување, за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, со пораст на минималната плата на национално ниво.