Пешевска од Штип: Дискриминацијата на жените во општеството, во политиката, економијата, нееднаквите плати за истите работни места, сексизмот, шовинизмот и физичкото насилството врз жените се едното – исто – грдо лице на родово базираното насилство!

 Пешевска: На политичката сцена во Македонија и се потребни многу повеќе храбри, мотивирани и општествено освестени жени

Нашата борба за еднаквост, правда, мир и развој не е само еден обичен ден, таа трае многу долго, генерации пред нас, но ќе продолжи и генерации по нас ако ние го овозможиме тоа. Нашата цел е да дадеме придонес, преку дела и со личен пример.

Секогаш кажувам дека преку мене можете да го слушнете гласот на сите жени затоа што животните премрежја на обесправените, повредените и угнетените жени, ќе ги пребродиме со заеднички заложби.

Силата на жените е во взаемната поддршка! На политичката сцена во Македонија и се потребни многу повеќе храбри, мотивирани и општествено освестени жени. Дискриминацијата на жените во општеството, во политиката, економијата, нееднаквите плати за истите работни места, сексизмот, шовинизмот и физичкото насилството врз жените се едното – исто – грдо лице на родово базираното насилство!

Да започнеме сега и веднаш да создаваме подобар свет, растеретен од поривот за моќ, а воден од желбата за здрави поколенија и здраво општество.

Жената е и архитект и носечки столб и круна на секое здраво демократско општество или, како што кажува големиот Иво Андрич – жената стои како капија, на излезот и влезот во овој свет!

Секогаш сум прва меѓу еднаквите и никогаш нема да заборавам низ што се поминавме сите овие години, особени ние жените.

Кога само ќе се присетам низ што се помина жената родилка која изгуби три органи после породување додека системот не преземаше одговорност и на нејзиниот случај се бараа политички поени. Кога само ќе се присетам на младата девојка која беше жртва на социјалните мрежи чија фотографија беше вирална за само неколку секунди, и повторно… системот го зграби случајот за дневен ПР и политички поени.

Не заборавам ниту на мобингот и губењето на работното место на жената од Лозово, кој заврши кандидирање на тој функционер за втор мандат. Не можам да заборавам со што се соочи нашата професорка Гордана Силјановска Давкова, со што се соочуваме сите ние жени кои сме активно вклучени во политиката…но никогаш нема да ве заборавам и Вас, оние кои молчите и стравувате за својот живот.

Во мене, во Унијата на жени имате силни жени кои ќе бидат вашиот глас секогаш!

Јас одбивам само да ги нотирам недостатоците, одбирам да делуваме со конкретни стратегии кои ќе придонесат за намалување на ефектите од лошите политики. Во политиката мора да понесеме одговорност, не можеме да бидеме неми набљудувачи на реалните проблеми на сите жени.

Податоците кои ги имаме како држава се поразителни. Само 18% жени се поседнички на имот! Само 2 до 3% се земјопоседнички, а јазот во платите изнесува 18%. Се прашувам каква е оваа држава во која за иста работа жените добиваат помали плати?!?! Први сме на листите за отпуштање, последни на листите за унапредување,  и ова се поразителни бројки кои мора да ги промениме!

Кризите ни покажа многу недостатоци и нè исправија пред бројни предизвици. Први на удар бевме токму ние жените и женското претприемништво. Товарот на згрижување на фамилијата, учење од дома, работа од дома најмногу падна на жените и жените претприемачи. Повеќе од 21% од жените велат дека го намалиле обемот на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот. Затоа, потребни ни се родово поделени статистики за да успееме да креираме специфични мерки за поддршка на женското претприемништво и така да дадеме придонес во економијата. Имаме доволен внатрешен родов капацитет да го сториме тоа.

Каде се кријат причините за лошите работни услови и ниските плати?

За жал, се наоѓаат во темелите на нашата осиромашена држава која не ги вреднува работничките во најдобрата животна и работна сила, причините се кријат во темелите на оваа граблива творевина која работничките ги претвора во бројки на кои им се ускратени работничките права, за кои токму текстилните работнички први се бореа излегувајќи на улиците на Чикаго, во далечната 1909 година.

Причините се очигледни, имаме огромна задолженост на земјата која вртоглаво се зголемува, а оваа влада не прави ништо за да го заштити трудот и производството, напротив целиот товар го остава на грбот на работниците, невработените, пензионерите, а најмногу на нас – жените! Денес за оваа неспособна влада е поевтино да се увезуваат неквалитетни текстилни производи, а провизиите да се ставаат в џеб.

Затоа, вие драги работнички од текстилната индустрија, како и сите работнички кои ќе ве поддржат, ве повикувам нашите права да си ги побараме пред Влада, затоа што таму се наоѓа изворот на сите наши проблеми! Да се здружиме затоа што на Македонија и се потребни коренити промени – Жените одлучија, промените доаѓаат!!!

Со сериозен удар се соочија и жените од руралните средини, со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, ограничени пристапи и понуда на образование. Работата на жените од руралните средини е зголемена, а нивниот труд и понатаму не се вреднува.

Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.

Ние имаме Влада со најмногу министерства, но со најмалку жени на чело на институциите. ВМРО-ДПМНЕ во моментов има вкупно 16 претседателски во Советите во Општините, а имавме три кандидатки за градоначалнички на последните локални избори и на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија за прв пат имаше жена кандидат за претседател на државата. И ова не се бројки со кој се гордеам, ова не ме охрабрува, напротив, мораме да го промениме ова и да овозможиме здрава и стабилна политичка клима во Македонија.

Жените имаат голема потреба за подобри можности за обука, финансиска поддршка и помош при планирање и реструктуирање на деловните активности. На жените им е потребна поголема поддршка преку пристапот до финансии и фондови, до информации, пристап до знаење и стекнување на нови вештини, но и поддршка за ускладување на работните и семејните обврски. Имаме потреба за спроведување на програми и проекти кои ќе бидат специјално наменети за жени.

Како општество, но и како жени мора да се трудиме да овозможиме нормален живот на лицата со попреченост, Македонија се има обврзано со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, но факт е дека нивниот живот секојдневно е исполнет со низа пречки, кои мораат сами да се снаоѓаат за да ги надминат. Декларативните заложби не носат резултати, мораме да зборуваме за недостатоците и предизвиците, да ги разобличиме лагите на оваа власт и вистински да се избориме за еднакви права на сите!

Денеска со нас се присутни здруженија на самохрани мајки, на слепи лица, на глувонеми, на лица со аутизам, и сакам со еден аплауз да го удостоиме нивното присуство.

Како жена која гласно говори за сите наши женски неправди, ќе зборувам и за она што се случува во преговорите со Бугарија.

Сакам да предупредам дека оваа влада е подготвена на се според начинот на кој ги води преговорите со нашиот источен сосед. Нивното поопширно решение подразбира навлегување во македонската историја и македонскиот јазик, со што директно се задира во македонскиот идентитет, а ние – по никоја цена нема да дозволиме идентитетско обезличување.

ВМРО-ДПМНЕ е ЗА решение, но ВМРО-ДПМНЕ е против решение кое задира во идентитетот на македонскиот народ.

ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции за нашата традиција, за обичаите, за културата, за македонскиот јазик и на крајот, бараме гаранции дека никогаш повеќе – никој нема да нè опструира сè додека не станеме членка на ЕУ каде што, всушност ни е местото и како народ и како држава.

А како мајка се обраќам на секоја една мајка, мајката македонска, мајката албанка, мајката турчинка, србинка и сите други… да покажеме грижа за мајката на сите мајки, нашата Македонија!!! Таа ни ги даде сите можности и ресурси ние да живееме, да се образуваме, да работиме. Ние треба да и возвратиме достоинствено. Сега е моментот кога мораме да се обединиме во идејата за заедничка иднина! И затоа не залудно велиме дека предвремени парламентарни избори се решението за сите овие неправди, за сите овие кризи кои ги создадоа.

И за крај, во 21 век во името на сите жени, на сите мајки, тетки, баби… апелирам да надвладее разумот и мирот да победи.

Унијата на жени останува цврсто на својата улога на преставник на македонските жени, македонските мајки и сестри. Во исто време, ги поттикнувам и охрабрувам македонските жени јасно да ја видат својата улога во општеството.

Улогата на модерна жена, но и чувар на семејните вредности и традиции, улога на добар претприемач, но и добра мајка, жена и сопруга, жена која е посветена на кариерата, но и жена која не го заборава семејството. А токму семејството е основниот столб на секое општество.

Од вас, барам широка општествена поддршка, мобилизација и гласност на секој поединец, на секоја една жена.

Како во минатото така и во иднина, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде значаен сегмент кој ги обединува сите жени, која ќе ги мотивира жените активно да се вклучат и во наредниот период да бидат фокусирани кон јакнење на жените за нивна проактивна улога во јавниот и политичкиот живот на земјата.

Сосема на крај, драги мои жени, ќе поддржувам секаква форма на женски активизам која ќе работи на јакнење на знаењата, вештините, самодовербата и мотивацијата на жените во сите сфери на општествено делување.

Да сте ми живи, здрави и секогаш ПОСИЛНИ ОД ПРЕДРАСУДИТЕ!