Нови министри и директори – стари горчливи проблеми?!

Алтернатива вчера издаде соопштение во кое ја информира јавноста за имињата на новите министри, заменици министри и носители на јавни функции од нивната партија, откако „решија“ да бидат дел од оваа владеачка гарнитура.

Покрај потпретседателското место во владата за Хисни Исмаили, министерството за Информатичко општество и администрација на чело со Адмирим Алити и Џемаил Чупи како министер без ресор одговорен за дијаспората, замениците министри за Образование и наука – Лулзим Алиу, за земјоделство – Абдулшиќир Абедини и за култура – Даим Лучи, најголемиот дел од вниманието на јавноста во овие моменти на светска пандемија и енергетска криза е свртено кон новиот министер за здравство – Беким Сали и новиот директор на МЕПСО – Орхан Муртезани.

Колку и како стоматологот и бивш кандидат за градоначалник на општина Чаир – Беким Сали, како наследник на Венко Филипче, ќе успее да се справи со пандемијата останува допрва да се види, посебно ако се знае дека Венко Филипче баш и не беше многу успешен во справување со кризата, а ќе го паметиме по сомнителната набавка на вакцини, несоодветните и понекогаш апсурдни мерки против ширењето на заразата со КОВИД-19, и секако, аплауз за Филипче.

Економистот Орхан Муртезани пак, поранешниот портпарол на Алтернатива и поранешен директор на АД МЖ – Транспорт ќе биде наследник на Куштрим Рамадани, кадар на ДУИ, како нов директор на МЕПСО, во моменти кога Македонија маки мачи со снабдувањето и цената на електричната енергија.