Еснафските здруженија заборавени од Владата, ставаат клуч на врата, илјадници невработени

Владата донесе четврти сет економски мерки со цел да се подобри животот на граѓаните за време на кризата која е предизвикана од КОВИД-19. Но, антикризните мерки на Владата наидоа на критика од еснафските здруженија бидејќи како што велат биле задоцнети, ненаменски и нефункционални. Здружението на чевларски компании од Куманово велат дека не се сигурни колку од нив ќе ги користат мерките од Владата.

Се жалат дека последниве месеци едвај успеваат да работат, да ги задржат вработените, со намален капацитет, бидејќи ним сезоната им е шест месеци со странските партнери. Стравуваат дека можеби овој пат ќе имаат нарачки за работа само за три месеци, и реален страв имаат од најавата за ширење на новиот бран во Европа, декември-јануари и повторно затварање на границите што за нив ќе значи намалени нарачки и застој на погоните за производство.

Од Здружението на чевларски компании од Куманово велат дека дел од компаниите поради затворањето на границите и првичниот удар во Италија, земја со која имаат најголема соработка престанале да работат, што веднаш резултирало со прекинување на нарачките, така што голем број од нив ги затвориле погоните додека траеше кризата, односно ги ставија во мирување и повторно ги активираа кога состојбата делумно се стабилизираше.

„Не сум сигурна колку од нас ќе користат мерки од Владата, бидејќи нам сезоната ни е шест месеци со странските партнери. Можеби ќе имаме нарачки за работа три месеци, но реален страв имаме од најавата за ширење на нов бран во Европа, декември-јануари, и се плашиме состојбата да биде како што беше со првиот бран, затворање на тамошните молови, кога изгубивме дел од нарачките. Веќе бевме сведоци кога дел од нашите компании поради затворањето на границите и првичниот удар во Италија, земја со која имаме најголема соработка престанаа да работат, што веднаш резултираше со прекинување на нарачките, така што голем број колеги ги затворија погоните додека траеше кризата, односно ги ставија во мирување и повторно ги активираа кога состојбата делумно се стабилизираше‘‘, вели претседателката на здружението, Лидија Милановска.

Оние кои успеале да ги надминат првичните удари, затворањето на Кина од каде се набавуваат репроматеријали и Италија, сега стравуваат дека новиот бран ќе го стопира производството. Еснафските здруженија стравуваат дека доколку не се обезбеди дополнителна помош од Владата тие ќе бидат принудени да го намалат бројот на вработени и да ги затварат погоните за производство.