Милошоски – Кратењето на роковите за разгледување на владината програма и за здрава парламентарна дебата покажува колку власта ги “почитува” Собранието и јавноста

Во врска со закажаната седница за избор на Влада, добро е да се знае, како било претходно, а како е сега, во однос на деновите кои им се дадени на пратениците и на медиумите за да се подготват за расправа и критика на обемниот материјал за програмата и составот на новата влада. Според бројот на деновите дадени за припрема во врска со материјалите за составот и програмата на владата се мери и почитта на власта кон јавноста и пратениците, пишува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Претходно :

2006г. – на 14 август е доставен предлог за нова влада, а седницата се одржа на 25 август, со што пратениците и јавноста имаа 11 дена да го разгледаат материјалот и да се подготват за дебата за составот и програмата на Владата.

2008г. – на 12 јули е доставен предлог, а седницата се закажа на 26 јули, со што од денот на доставување на предлогот до седницата пратениците и медиумите имаа 14 дена за да се подготват за дебата за новата Влада и нејзината програма.

2011г. – на 15 јули е доставен предлог, а седницата за избор на владата се одржа на 27 јули; пратениците имаа 12 дена ги прочитаат и предлог програмата и биографиите на членовите на новата влада, и добро подготвени да дебатираат за изборот на Владата, а тоа е и во интерес на јавноста.

2014г. – на 7 јуни е доставен предлог а седницата се одржа на 19 јуни, со што пратениците и медиумите имаа 12 дена за да се подготват за дебата за составот и програмата на Владата.

Еве каков е односот на сегашнава власт кон јавноста и пратениците:

2017г. – на 28 мај е доставен предлог, а седницата се закажа и одржа на 30 мај, пратениците имаа 2 дена за да се подготват за дебата за состав и програма на Влада.

2020г. – на 26 август е доставен предлог, а седницата е закажана за 29 август, од денот на доставување на предлогот, и пратениците имаат 3 дена да го разгледаат обемниот материјал и да се подготват за дебата по составот и програма на Влада, од кои еден е неработен ден како значаен верски празник.

Ваквото кратење на роковите потребни за добра подготовка и здрава парламентарна дебата само покажува колку власта го “почитува” Собранието, функцијата пратеник, медиумите и пошироката јавност. А ако речат дека причината е брзањето заради ефикасни институции, манипулираат, бидејќи доколку навистина им се брзаше, едниот немаше да оди на летен одмор после избори, ниту пак другиот ќе ја прекинуваше собраниска седница заради мекици.

Со ваквото непочитување на власта кон пратениците за жал нема да се создаде стабилна политичка атмосфера во работата на Собранието, пишува Милошоски.

https://www.facebook.com/antonio.miloshoski.9/posts/3744714618891123