Нашата чудесна Македонија – Одлуката за уривање на дивоградбата кај ТЦ Мавровка не важи, бидејќи не се знае сопственикот
Општина Чаир во врска со непостапувањето на дивоградбата кај ТЦ Мавровка објаснува дека има одлука за уривање на објектот, но тоа решение се уште не важи, бидејќи не се знае кој гради. Додека општинарите бараат по фиоки кој е сопственик на кафулето, кој досега им плаќал за терасата која баш неодамна изгоре, градежниците си ја тераат градбата.
Но, во законот има и за тоа решение – одлуката за уривање ќе се објави во весник по што почнува да тече рокот од 8 дена за жалба од сопственикот и потоа ќе може да се преземаат дејства, објаснуваат од општината и додаваат дека на таа локација има легализиран објект со познат сопственик, но не може да се утврди дека истиот сопственик врши бесправна градба.
Вчера градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изјави дека засега нема информации кога ќе се изврши инспекциски надзор за објектот што се гради кај трговскиот центар „Мавровка”.
-Град Скопје нема никакви ингеренции во градежната инспекција. Оние малку ингеренции што ги имаме за надзор на градилиште и тој тип на надлежности ги искористивме со цел да направиме записник за тоа градилиште, да изречеме казна на несовесниот градител и за тоа соодветно да ги известивиме надлежните институции. Тоа се Општина Чаир, дека станува збор за дивоградба со оглед на тоа што нашиот Инспекторат не најде валидна документација, Инспекцискиот совет како надзорен орган кој врши надзор врз градежната инспекција на Општина Чаир и МВР, Сектор за економски криминал, рече Шилегов.
„СВР Скопје – Единицата за економски компјутерски криминал во врска со незаконските градежни активности во реонот на ТЦ „Мавровка“, има преземено соодветни мерки и активности за утврдување на кривично дело кое се гони по службена должност според член 244 – за незаконско градење. За преземените мерки и активности е доставено писмено известување во Јавното обвинителство согласно законот за кривична постапка“, информираа од МВР.