Европската унија ќе воведе санкции кон Москва по „неприфатливиот“ влез на руските војници во регионот Донбас во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.
„Очигледно е дека ќе иницираме санкции“, рече Ле Дриан пред состанокот на европските министри за надворешни работи во Париз.
„Тоа е кршење на меѓународното право, тоа е напад на суверенитетот и интегритетот на Украина, Русија се откажува од своите меѓународни обврски и договорите од Минск што ги потпиша“, рече Ле Дриан. „Значи, ситуацијата е многу сериозна“.
Тој додаде дека европските лидери треба да пренесат три пораки – да заземат цврст став против дејствијата на Русија, да покажат солидарност со Украина и да покажат единство во Европа.
Високиот претставник на ЕУ Џозеф Борел изјави дека свикал итен неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ за да разговараат за Украина по планираниот самит.