Милошоски: Слаба влада им одговара и на официјалните претставници од Софија и на одредени помали или  поголеми политички партии за да можат да ја условуваат

„Остваривме контакт со Бујар Османи и се закажа седница на Комисијата за надворешна политика овој петок во 11 часот. Истата предлагаме да биде отворена. И очекуваме министерот за надворешни работи не само лично да образложи туку и да ги презентира пред пратениците, да ги подели како документи одговорите кои што од македонска страна се испратени до официјална Софија за т.н. план 5+1“, истакна Антонио Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Милошоски додаде дека прашање е дали ќе ги направи достапни за пратениците одговорите кои што ги испратила македонската страна до официјална Софија за т.н. план 5+1 или ќе ги задржи затворени.

„И токму од тоа ќе зависи транспарентноста или нетранстапарентноста на односот на Владата кон македонско – бугарските разговори“, заклучи Милошоски.

Милошоски посочи дека доколку Владата нема што да крие и нешто што е сензитивно за јавноста, или пак неповолно за Македонија би било природно да дојде во Собрание и да ги изложи своите ставови и потоа да добие поддршка од Собранието или можеби некакви сугестии за настапот во Софија.

„Затоа сметаме дека самата Влада ги крие позициите кон Софија дури и од сопствените пратеници кои што се членови на СДСМ и ДУИ. И во тој дел гледаме дека се комплетно нетранспарентни“, заклучи Милошоски.

Милошоски рече дека ниту опозицијата, ниту пак Парламентот не биле консултирани за позициите кон Бугарија кои што се видоа преку јавноста од Ковачевски. Затоа се смета дека се нелегитимни и спорни.

„Нашите соседи, но и вантрешни политички актери не само соседите претпочитаат да имаат ваква слаба Влада како соговорник. И вие имате слаба Влада која што по сите перформанси економија, здравство, земјоделство, стопанство, инвестиции има многу лоши резултати, стандардот опаѓа и инфлацијата расте, на Владата единствено што и преостанува е да ја спинува се уште европската приказна и перспектива, датумот и се тоа во недоглед со години. И таквата слаба Влада им одговара и на официјалните преставници од Софија и на одредени помали или  поголеми политички партии во Македонија за да можат истата влада да ја условуваат и да добуваат гратис ветувања кои што не се совпаѓаат со интересите на Македонија како држава“, појасни Милошоски.

Во текот на емисијата Милошоски се осврна и на предлог законот за Пржинска влада.

„Мислам дека е купување на време затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше бришење на 10 члена од постојниот закон за влада каде што се споменува т.н. Пржинска Влада. Преведувањето дека се брише било кој член одзема 10 секунди на било кој јазик освен ако Талат Џафери не го преведува на кинески јазик. Се надевам дека не. Мислам дека има некоја калкулација од страна на СДСМ и ДУИ, зошто во моментов не се спремни да го подржат ваквиот предлог за кој што и самите претходно во изминативе две – три недели па и во изминативе неколку месеци укажуваат дека во Македонија веќе е непотребно да постои еден таков хибриден композит Пржинска влада, кој што гледаме дека прво е поскап за граѓаните и буџетот. А, второ е неефикасен во самото свое делување“,истакна Милошоски.

Милошоски додаде дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека Пржинска влада треба да се укине.

„Чувствуваме и дека граѓаните веќе се спремни и зрели да ја изразат својата политичка волја независно од тоа дали некој министер или друг државен функционер од извршната власт сака на помал или поголем начин да злоупотреби одредено влијание за изборниот процес. Видовме дека на локалните избори тоа иако се потрудија некои луѓе да го направат тоа не им успеа, и сметаме дека не е потребно да имаме Пржинска влада“, рече Милошоски.

Милошоски за една изборна единица додаде дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека е време тој предлог закон собраниското мнозинство да го откочи, да дојде на Дневен ред на Комисии, на Пленарна седница. И да се види кој какви предлози ќе даде во врска со овој предлог закон за една изборна единица.