Божиќно послание на г.г. Стефан: Да подариме грижа и љубов, промената започнува од личноста

Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.

Возљубени чеда во Господа,

Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес предвечниот Бог „стана човек заради човекот” и „Бог се вочовечи за ние да се обожиме”. Денес, на овој величествен ден, Милостивиот Господ го ослободи човековиот род од ропството на гревот и му ги отвори вратите на рајот. Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен. А човекољубивиот Бог уште на почетокот го избрал човековиот род за спасение, посиновувајќи го преку Својот Единороден Син – Господ Исус Христос, со што дал можност …сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината8. Тоа единство меѓу Бога и човекот било посакувано и очекувано од сите праведни и богољубиви луѓе во старозаветната историја. Уште многустрадалниот Јов копнеел да биде во близина на Бога, воскликнувајќи: О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов! Но дури кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот Син, Кој се родил од Пресвета Дева Марија и како Богочовек го спасил паднатиот во грев човеков род.

Возљубени празникољупци,

По милоста Божја, еве, и годинава се удостоивме да го дочекаме Празникот на нашето спасение, па затоа да Му благодариме на Бога за непроценливиот дар на љубовта, дарот даден како белег на оние коишто се фалат со Неговото име. Токму во овие денови на празнувања, во време на дарови и во време на прославување, повикани сме да ја побараме смислата на празникот, смислата на дарувањето, смислата на славењето, да ја откриеме пораката не само на човековите обичаи, туку и на човековиот живот, и на неговата определба и цел. Зашто, има ли некаква корист за човекот празнувањето на Божик без Бога? Која е ползата од чествувањето без духовна радост? Божествениот Златоуст вдахновено го осмислува празнувањето: „Бидејќи сите се веселат од радост, и јас сакам да се веселам, сакам да играм, сакам да торжествувам. Но… наместо музички инструменти, ги носам даровите Христови. Зашто тие ми се надеж, тие ми се живот, тие ми се спасение…”. Ваквото разбирање на празниците, ваквите зборови што придонесуваат за духовен спокој, се вистинскиот начин што ни е потребен во ова време на предизвици. Даровите Христови му ја донесоа на човекот надежта дека ќе празнува со Бога и во Бога и му ја објавија смислата на животот, што ја беше загубил поради престапот на прародителите.

И, еве, во време кога светот ги слуша само оние нешта коишто сака да ги чуе, Светата Црква го крева својот глас и му говори на современиот човек со зборови разбирливи, зборови нови, зборови од неговиот сопствен јазик, но коишто не се во согласност со неговиот начин на живеење. Црквата живее и постои во два света, но својот здив го добива од Небесното

Царство, како од вистинска Татковина на секој човек. Ете, таа Црква нè повикува да ја разбереме суштината на Божик, на Божик како празник на Божјата подадена рака, како празник за обновување на човековите духовни сили и празник на возобновените можности на човековата личност.

Поради тоа, на овој ден да си спомнеме и за последниве исклучително тешки години, исполнети со искушенија, предизвици, болки и разделби. Навистина, како човештво се соочивме дека, и покрај големиот технолошки развој посведочен во нашиов животен век, над нас висат катастрофи со кои човекот е премал да се соочи сам… Црквата, таа духовна мајка, преживувајќи ја историската и општествена реалност, му го нуди својот топол глас на современиот изморен и исплашен човек, своето автентично сведоштво дека, сепак, причината за болеста и за распадливоста во човекот е гревот. Болеста, како и секое друго зло во светот, е последица на секој наш грев, на секоја наша неправда што ја нанесуваме, на секоја омраза што ја допуштаме, на секој гневен поглед што го упатуваме…

Возљубени чеда во витлеемскиот Богомладенец,

Во Црквата пееме дека Христос дојде во светот за да ја отстрани оддалеченоста на човекот од Бога, да го разруши ѕидот на поделбата меѓу небесните и земните12. Бог се соедини со човекот, а како што вели свети Григориј Богослов: „Тоа што се има соединето со Бога, тоа и се спасува”13. А Спасителот, Кој е пред нас и со нас на секоја Божествена Литургија, ни се дава како лек за секоја наша болка, како прошка на секое наше прегрешение, како залог за единство во Неговата благодат. Само Тој е моќен, преку овие дарови, да ни ја врати слободата, се разбира, доколку се определиме да Го следиме Неговиот пат.

Во време кога сите бараме и очекуваме промени во овој свет на економска и социјална нееднаквост и на политичка поделеност, воплотеното Слово Божјо е најдобар показател дека промената започнува од личноста. Богомладенецот Христос, Кој во овој свет се покажа како мало и навидум немоќно дете, ја започна најголемата промена во историјата на светот, промена која продолжува до денес и ќе трае до крајот на времето. Нам, како на членови на Неговото свето тело, на Црквата, Тој може да ни ја даде силата и способноста да бидеме и ние почеток и продолжение на промената во светот.

Христос, како Творец на сите, не се открива секому посебно, туку на својата Црква. Христос е Спасител на сите луѓе, и да се биде во Него значи да се биде дел од Неговата божествена заедница ‒ дел од Неговата Црква. Во секое разделено општество, во секоја разделена земја, христијаните се тие коишто треба да го понудат единството и да настојуваат на него, покажувајќи им Го на другите луѓе Оној Кој им дава можност за обединување ‒ не само помеѓу себе, туку и во Бога.

Единството во Светата Црква се остварува преку смирението и преку послушанието, преку согласноста во Светиот Дух. Гласот на полнотата на Црквата, е гласот на Светиот Дух, Кој говори од единството, а не од поединецот. А за да бидеме такви, треба да се облечеме во Господа, да се удостоиме да учествуваме во Неговата вечна радост и да се исполниме со Неговиот божествен мир. Впрочем, животот на секој вистински христијанин треба да е постојано доживување на Христовиот живот на земјата. За да го исполниме тоа, треба да сме дос­тојни членови на Црквата, да живееме во Црквата и со Црквата, со која Господ Христос раководи.

Бог е Оној Кој дава и зема, Кој помага и гради, без Кого залудни се сите човечки напори19. Она што можеме да го направиме за другите во секоја прилика, е да покажеме грижа. Грижата за доброто на човекот во еден свет што лежи во зло, грижата за здравјето на другите во едно време на погибија и на страдање, грижата за насушниот леб на оние кои се во тешкотии и во економска несигурност, грижата за ближниот – тоа е она што ќе го спаси светот и нас со него.

Затоа, и на овој Божик, и во сите дни, заедно со даровите, да подариме и грижа, да подариме и љубов! Милостивиот Бог нека ни дава сила да се покажеме и ние како Христоносни јасли, да ги издигнеме срцата кон небото и да не го забораваме својот призив и својата должност, благодарејќи Му на Спасителот за непроценливиот дар на љубовта, што им го дал како белег на оние кои Го носат Неговото име.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Од нас, како од македонски народ, држава и Црква, во ова време преполно со искушенија, се бара поголема грижа и дополнителна внимателност при решавањето на наметнатите прашања, коишто во последно време некои ги исправија пред сите нас. Да внимаваме, зашто никогаш и никаде не се дошло до вистината со отстапки од своите духовни, национални, историски и културни посебности. Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она коешто, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци.

Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:

Х Р И С Т О С С Е Р О Д И !

Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

† СТЕФАН,

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архијерејски синод на

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и

администратор Австралиско–новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски и

администратор Австралиско–сиднејски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски

† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско–осоговски