Новогодишно интервју на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски во емисија на Алфа телевизија даде свој коментар во однос на улогата на ДУИ која што ќе ја има наредниот период во владата на Димитар Ковачевски.
– „Тие се факторизираат, тие испраќаат порака дека тие се фактор, СДСМ не е фактор во Владата. Сега ќе дојде пиунот на Заев, Ковачевски, претпоставувам таму негде на средината на овој месец и ќе го предложи кабинетот. По тоа што го гледам само ќе го продолжи заевизмот и практично вие ќе имате многу послаб капацитет на политичари и со политичка моќ, но и поинаква би рекол. Затоа што тој како мандатар се плашам дека нема да може да наметне ниту авторитет, ниту пак има политички кредибилитет бидејќи не излезе на избори, не доби поддршка од народот, не се легитимирал со платформата. И тука веќе настапува ДУИ, тука настапуваат Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими и останатите кои што сакаат преку овие пораки да кажат кој владее во Владата, дека да ќе имаме ние нов мандатар некојси Ковачевски Димитар, кој што е поставен тука за да го продолжи ликот и делото на Зоран Заев. Но, вистинската и суштинската моќ, кој ги влече главните потези е ДУИ“.
Мицкоски додаде дека тоа не го порачува ДУИ само кон нивните гласачи, туку е и порака до меѓународната заедница.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ова не е Влада на СДСМ и коалиционите партнери туку ова е Влада на ДУИ. Јас не го обвинувам тука ДУИ, немам намера да го обвинувам бидејќи си го тераат својот политички интерес на крајот од денот, тоа е дел од нивниот план и стратегија. Вината е тука ја лоцирам кај оние политички партии кои што се дел од Коалицијата на СДСМ, и тоа кај Горан Милевски, Маја Морачанин, Павле Трајанов, Љубчо Георгиевски и останатите кои што де факто поддржуваат Влада на ДУИ“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДСМ го нема легитимитетот веќе.
„И уште еден аргумент плус на последните локални избори два пати беа декласирани, а и рејтинзите последни велат дека рејтинзите уште малку не се 2:1 помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски укажа дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори.
Тој се осврна и на прашањето за спорот со Бугарија за што вели за нас беспредметни и будалести се обидите на Бугарија да се асимилира македонскиот народ.
„Радев вели дека е едно од барањата да се вклучат Бугарите во Уставот на Македонија, што значи целата сказна нема да заврши тука. И тоа е навреда за нас и наместо да зборуваме за европски вредности ние зборуваме за национал романтични идеи. Знаете Заев даде едно интервју во кое рече дека Бугарите не се окупатори, туку администратори. Ние повикаме на протести на кои народот излезе на улица, извршивме притисок и Заев ретерираше“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија има и најголема одговорност.
„За нас беспредметни и будалести се обидите на Бугарија да се асимилира македонскиот народ. Ценам дека со активностите ВМРО-ДПМНЕ придонесе да нема таков будалест договор. Преговори треба, ама не и асимилација“, посочи Мицкоски.
Тој вели „не очекувам прогрес во СДСМ, ќе се продолжи со заевизмот, затоа одиме на избори“.
Според него за успех треба мотивација.
„Гледате првите луѓе кои дојдоа во општините се мотивирани, а наидоа на многу лоша ситуација. Но, тоа го констатиравме, ама тие работат посеветено затоа што се фантастично мотивирани. Тие за два месеци имаат исполнето повеќе отколку нивните претходници за 4 години. Првиот човек е тој кој мотивира, ако тој ви се јавува само да ви каже кој да го добие тндерот, ако малку време посветува на организација, нема тогаш мотивација. Така почнува разочараност и така сме неуспешни“, рече Мицкоски.
Оттука, додаде тој, тоа во СДСМ не го гледам и затоа не очекувам прогрес во СДСМ, односно ќе се продолжи со заевизмот. Затоа според него треба да се оди на избори.
„Не очекувам на подобро, тоа се промени каде не гледам потенцијал за напредок. Ковачевски треба да добие легитимитет од народот, сега го нема. Тој сега остава впечаток на поклоник на Заев. Затоа треба да одиме на избори“, вели Мицкоски.
Нè очекува динамична година на промени, додавајќи дека на полето на евроинтеграциите ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се чепка во македонскиот идентитет и да се прифати бугарската Резолуција да биде дел од преговарачка рамка.
– Кога зборуваме за европерспектива, не очекувам дека нешто би можело драматично да се смени. Длабоко сум убеден дека не постои план 5+1 или како сакаат нека ги нарекуваат, затоа што постои Резолуција на бугарскиот Парламент. Во таа резолуција има точки кои што се неприфатливи за нас како народ, па дури и за политичари како и Зоран Заев, затоа што преставува сериозно негаторска и асимилаторска политика. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Ќе имаме закочен евроинтегративен процес, рече Мицкоски.
Тој истакна дека првиот момент кога таа резолуција ќе биде повлечена или заменета со некоја друга, тогаш може да имаме договор.
– Ако направат таков будалест чекор и да ја прифатат таа резолуција, да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или блокирање на евроинтеграциите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за Резолуцијата на бугарскиот Парламент и таа да стане дел од преговарачката рамка и тоа да им е јасно на сите. Нема намера ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ниту една точка да смени во македонскиот идентитет, каков сака нека е тој притисок. В МРО-ДПМНЕ нема да дозволи ни милиметар да се чепка во македонскиот национален идентитет, потенцираше Мицкоски.
Говорејќи за што не очекува во 2022 година, тој рече дека следи динамична година во која ќе се стави крај на заевизмот.
– Јас очекувам да биде подинамична и потурбулентна година и мислам дека ќе има многу промени во Македонија во многу области и сметам дека сето ова што сме го зборувале ќе излезе дека сме во право и очекувам предвремени парламентарни избори и конечно да падне заевизмот, нагласи Мицкоски.