Тасевски: Во Република Македонија ниту има правда, ниту има правосудство

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Само вистина” гостуваше актерот Сашо Тасевски кој зборуваше за медиумскиот мрак во државата, како и за формирањето на одредени групи на луѓе кои во функција на власта медиумски напаѓаат одредени индивидуи кои не одговараат на власта во моментот.

Тасевски истакна дека неговиот вечерашен соговорник Ненад Јовановиќ во неколку наврати јавно го навредувал и го нарекувал шовинист и фашист, што според него ниту е точно, ниту пак постои било каква индиција за такво нешто.

Исто така додаде дека Јовановиќ не смее да карактеризира некого како албанофоб, доколку за истото не поседува некаков доказ или има индиција за такво нешто.

Тасевски вели дека за вакви навреди и придавање на епитети без докази, односно спинување во корист на власта, најчесто треба да заврши на суд. Но, според Тасевски во Република Македонија ниту има правда, ниту правосудство.

“Во Македонија нема ниту кого да судиш, ниту кого да тужиш. Џабе ќе се мачиш. Кај нас кадија те тужи, кадија те суди. Ова го нема никаде во светот”, вели Тасевски.