Победничка песна на 35-то издание на „Макфест“ е „Сакам да кажам“ од групата Нокаут, втората награда е за „Ден по ден“ изведена од Ѓоко Таневски и трета награда за „Ако те изгубам“ во изведба на Омар Џаферовски.
Никола Перевски-Пере од Нокаут за МИА вели дека ова е награда по 24 години работа, а слатка трема немал да почуствувано никогаш.
-По 24 години конечно нешто да освоиме, публиката тоа го примети дека има некаков квалитет, што сме го направиле. Се разбира тука е жирото кое гласаше за нас и веројатно жирото, тоа го почуствувало. Најважно е за мене да почуствува песната, да се пренесе енергијата, кај публиката, еве и кај жирото и сметам дека е заслужено, вели Пере од Нокаут.
Тој во разговорот за МИА открива дека песната е направена пред три години, а инспирацијата доаѓа од љубовта. Прашан како го доживува „Макфест“ по 35 години, одговорот му е „Како никогаш досега, затоа што „Макфест“ досега се правеше на затворено, а сега за првпат е кога „Макфест“ се организира под отворено небо и навистина чувството е прекрасно и мислам дека треба да продолжи во ваков некаков континуитет, рече Перевски-Пере од Нокаут.
Досега на „Макфест“ имал две композиции едната е „Танго“ во 2014 и победничката е втора песна со која настапи на 35-то издание.
Публиката синоќа не гласаше, изборот на наградите го направи стручното жири, составено од познати македонски музички имиња, актери, од модата. Што се однесува за почитувањето на здравствените протоколи фестивалот беше беспрекорно организиран. Волонтерите на ОО Црвен Крст постојано беа меѓу публиката, кои предупредуваа на држење дистанца и задолжително носење на заштитни маски.