Дали Заев прифатил се што бара Бугарија, а сега само го спроведува договореното?
Дали се што бара Бугарија веќе е прифатено од страна на премиерот Зоран Заев, а сега остана само последниот чин односно спроведувањето на бугарските услови по националните и историските прашања?
Можеби потврда за тоа е бугарскиот Меморандум испратен до ЕУ кој не поставува само услови кон Македонија, туку и објаснува дека не се спроведуваат веќе прифатените и договорени работи со македонската влада предводена од Зоран Заев.
Токму затоа и Бугарија во Меморандумот инсистира дека спроведувањето на законски обврзувачките обврски од страна на земјите кандидати се следи внимателно во текот на сите фази на нивното пристапување. Тука Бугарија вели дека не треба да се внесуваат отворени прашања со земјите-членки на ЕУ и нагласува дека Македонија не го почитува склучениот Договор за добрососедство и пријателство од 2017 година.
Тоа што Бугарија го потенцира во овој Меморандум е дека Заев со потпишувањето на Договорот ја прифатил таканаречената „јазична клаузула“, ја признал заедничката историја и дека не постои македонско малцинство на територијата на Бугарија.
За прашањето за јазикот, нашиот сосед вели дека македонски јазик не постоел се до 2 август 1944 година, а истиот е настанат како дијалект на бугарскиот и тврди дека со Договорот прифатено е наместо македонски јазик да стои „официјалниот јазик на земјата“. Бугарија инсистира на тоа дека документите мора да се однесуваат на „официјалниот јазик на Македонија“.
Во врска со македонското малцинство во Бугарија, се вели дека Заев веќе прифатил дека такво не постои.
– Со потпишување на Договорот, Република Северна Македонија се согласи дека нема објективни историски или демографски основи за барање статус на малцинство за која било група граѓани на територијата на Бугарија, стои меѓудругото во бугарскиот Меморандум.
Понатаму, по однос на историјата и македонскиот идентитет, земјата која Заев ја претставува за пријателска, тврди дека земјава како и Македонците се проект на Тито настанат во 1944 година со цел да се замени бугарскиот.
– Проектот на Тито се реализираше со измислување на нова историја, која ги постави темелите на овој нов „македонски“ концепт, со цел да се замени традиционалниот бугарски идентитет со регионален. Изграден е на сметка на историјата и географијата на соседните земји, со што се поставија темелите за идните територијални и малцински побарувања од Југославија, посочува Бугарија во Меморандумот.
Дали сето ова ни укажува дека Заев веќе ги прифатил сите бугарски предлози и услови, прифатил целосно редефинирање на македонскиот идентитет и историја, или може да се толкува и како бришење на истите, но и бришење на македонскиот јазик за кој велеше дека е признат од целиот свет.