Софија до ЕУ: Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот

Два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик содржи таканаречениот објаснувачки меморандум кој официјална Софија го пратила до земјите членки на ЕУ, а во кој РСЕ има увид. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата.

Билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Ова е дел од „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ кој Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив.

Радио Слободна Европа има увид во документот кој има шест страници и во кој, меѓудругото, се наведува:

„Одржувањето на добри меѓусоседски односи и особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите членки на Европската унија треба да биде составен дел од Преговарачката рамка за прием на Република  Македонија во ЕУ и треба да биде набљудувано во поглавјето 35. Проценките дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да биде на конкретните земји членки“, се наведува во меморандумот.

Поглавјето 35, кое се споменува во бугарскиот документ, инаку вклучува разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, a кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје и вообичаено се отвора на крајот на процесот на преговарање. Инаку, во меморандумот официјална Софија бара исполнување на уште еден услов за напредокот на Македонија во ЕУ- малцинствата.

Источниот сосед објаснува дека тие се членка на најголемата регионална и меѓународна организација за човекови права и се фокусирани на спроведување на највисоките меѓународни стандарди во оваа област, но во согласност со бугарскиот Устав. Тој, пак, како што пишува, предвидува дека тоа право може да се оствари во согласност со „кумулативното исполнување на субјективното (постоење на слободна волја да припаѓа на одредена религиозна, етничка, јазична малцинска група или заедница) и објективните критериуми( постoење на реални разлики кои објективно докажуваат постоење на етничка припадност, религија, јазик значително различен од оние на мнозинството)“.

„Според тоа тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи. Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира гореспоменатите политики навремено да го усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење, за да се изврши непотребен притисок врз Бугарија. Ова ќе биде предуслов за добивање на согласност од Бугарија за кој било понатамошен чекор во процесот на интеграцијата“, се наведува во меморандумот на Софија.

Целата анализа прочитајте ја на Радио Слободна Европа 

Извор:Курир.мк