Пандов: Не постои поголем јунак што родила македонска мајка од Гоце Делчев
Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, порачува дека историјата е еден од трите основни носечки столбови на идентитетот на секој народ и држава. Во таа историја и идентитет се исткаени имињата на важни ликови кои остануваат пример за идните генерации, за кои се учи и се пејат песни, со чие име се именуваат улици, плоштади, градови, а и многу деца во нивна чест се именуваат како нив
Како што вели Пандов, за македонскиот народ таков носечки лик на македонсиот идентитет е Гоце Делчев кој бил, е и ќе остане главниот столб околу кој се врзува целата понова македонска историја и кој е можеби најголемиот јунак роден од македонска мајка.
Историјата, покрај името и јазикот, е една од трите главни идентитетски столба на секој народ и држава. На територијата на секоја современа држава во светот, низ вековите наназад живееле милиони луѓе и се случувале огромен број на настани. Но, само многу мал број настани и ликови се запишани во нивните сопствени истории, како светилници за идните генерации, преку кој ќе учат за морал, чест и лојалност. Ќе учат како одреден број јунаци и хероии биле подготвени и го давале и сопствениот живот во име на своите идеали. Од друга страна државата и народот тие настани и ликови ги величат преку панахиди и трибини на денот на нивното раѓање и погибје, нивните имиња се ставаат како имиња на плоштади, универзитети и училишта, булевари и улици, прават бисти и монументални споменици, самото име многу често се става како име на новородените деца, ги опеваат во песни, пишуваат книги за нивните херојски дела, ги има во текстовите на нивните химни!
Така е во Западна Европа и Америка, Русија и Кина, Јапонија и Нов Зеланд, Северна и Јужна Кореа. Бидејќи народ и држава без минато,немаат сегашност, а сигурно немаат никаква иднина. Ова е вака, како што и 1+1=2. Тоа го знаеле и фашистите, па прва работа што правеле во окупираните држави била промена на нивната историја и учење на децата, во таа нова нормалност, со нова фашистичка историја! Во тоа биле помагани од домашни колаборационисти, квислинзи, мафијаши и петоколонаши! На последниве, мотивите им биле исти како и на овие сегашниве, лични удобства, пари и моќ.
Па така и Македонија си има своја историја. За среќа или жал и на македонската територија се случиле и одиграле огромен број на историски настани и продефилирале огромен број на историски ликови. Но, без двојба Гоце Делчев бил, е и ќе остане главниот столб и анкер околу кој се врзува целата понова македонска историја. Не постои поголем јунак што родила македонска мајка од Гоце. Што и да напишам за него е малку, во спордба со неговиот лик и дело.
За жал ние македонците дочекавме во 21 век да се појават Заев & Каракачанов, кои ете ќе се договореле, бидејќи веќе Димитров договорил, дека Гоце Делчев, бил Бугарин. Тогаш еве по не знам кој пат прашувам, што сме ние Македонците, што е Македонија? Исто така повеќе пати сум кажал, но еве чуствувам за потребно да повторам, историјата и Гоце Делчев се последната линија на одбрана за македонскиот народ и Македонија. После нивната промена и пишување по кеф на Каракачанов и мафијашот Заев, прашање на време е кога ние Македонците исто како и оние во пиринскиот и беломорскиот дел ќе бидеме асимирирани, а Македонија поделна! – пишува Пандов.