Денеска е спомен на Светиот апостол Тадеј: Bepaта го cпacи од бoлecта
Еден од Седумдесеттемина, а не оној Тадеј кој беше од Дванаесеттемина апостоли. Свети Тадеј прво го виде и го слушна Св. Јован Крстител и прими крштевање од него, а потоа Го виде Господa Исусa и Го следеше Него. Господ го вброја меѓу Седумдесеттемина помали апостоли, кои ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое (Лука 10, 1). Пo Своето славно Воскресение и Вознесение Господ го испрати Тадеј во Едеса, која е родното место на Тадеј, според ветувањето што му го даде на кнезот Авгар кога му ја испрати крпата со Својот лик на неа (откако се избриша).
Штом ја целиваше таа крпа Авгар се излечи од лепрата, но не сосем. Малку лепра му остана на лицето. Кога Св. Тадеј му се јави на Авгар, овој го прими со голема радост. Апостолот го поучи во верата и го крсти. Кога излегуваше од водата на Крштението, остатокот од лепрата на неговото лице спадна и тој стана сосем здрав. Кнезот Авгар Го прослави Бога и посака и неговиот народ да Го познае вистинскиот Бог и да Го прослави. И кнезот ги повика сите граѓани на Едеса пред апостолот Тадеј за да ја чујат проповедта за Христа. Откако ги чуја зборовите на апостолот и го видоа кнезот чудесно исцелен, луѓето ги отфрлија идолите и нечистото живеење и ја примија Христовата вера и се крстија.
Кнезот Авгар изнесе многу злато и му го понуди на апостолот, но Тадеј му рече: „Кога своето го оставивме, како да го примаме туѓото?“ И тој го проповедаше Евангелието ширум Сирија и Феникија. Се упокои во Господa во градот Вирит Финикиски.