Сиљановска Давкова: Посетата на претседателката Друпади Мурму е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката со Индија

Посетата на претседателката на Индија Друпади Мурму е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на билатералната соработка, напиша на Фејсбук претседателката Гордана Сиљановска Давкова по средбата со нејзината индиска колешка во Вила Водно.

– Со огромна чест ја пречекав Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија, којшто престојува во официјална посета на македонската држава. Разговаравме за македонско-индиските односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација. Заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и искуството од Движењето на неврзаните, се цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи, вели претсеадтелката Сиљановска Давкова.

Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

Соговорничките, исто така, размениле мислења за глобалните состојби, укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.

Друпади Мурму оценила дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народи.

Според двете претседатели, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK